Sena Güler
23 Декември 2020•Ажурирај: 24 Декември 2020
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израел ќе одржи предвремени избори во март, откако Парламентот вчера не успеа да го испочитува крајниот рок за усвојување на буџетот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Владејачката партија Ликуд, предводена од премиерот Бенјамин Нетанјаху, и нејзиниот коалициски партнер Сината и бела партија, предводена од израелскиот министер за одбрана, Бени Ганц, не можеа да се договорат за буџетот во дадениот период.
Бидејќи буџетот не можеше да се стави на гласање за денес, Парламентот според законот е распуштен и започнува задолжителниот процес за одржување предвремени избори.
Сега е сигурно дека Израел оди на четврти по ред парламентарни избори за помалку од две години.
Нетанјаху и Ганц одлучија да формираат коалициска влада во мај по три изборни циклуси одржани од април 2019 година.
Но, Владата на единството не постигна согласност околу усвојувањето на годишниот буџет. Додека Нетанјаху сакаше да го донесе само буџетот за 2020 година, Ганц сакаше да го стави и буџетот за 2021 година на гласање.
Поради несогласувањето помеѓу двајцата лидери, седницата во август не даде резултат и гласањето за буџетот за 2020 година беше одложено за декември.
Според законот, доколку буџетот за 2020 година не е изгласан од Парламентот до 23 декември, станува задолжително одржувањето на предвремени избори.