Mahmoud Mohamed Barakat
26 Ноември 2020•Ажурирај: 26 Ноември 2020
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелските власти го ослободија денес палестинскиот затвореник Махер ал Ахраш, кој 103 дена штрајкуваше со глад, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Окупациските власти го пуштија Махер ал Ахраш, а во тек се подготовките за неговото префрлање од израелската болница „Каплан“ во болницата „Наџах Национал“ во Наблус, Западниот Брег, потврди Кадри Ебу Бекр, претседателот на Комисијата за прашања на палестинските затвореници.
Ал Ахраш (49) од Џенин на Западниот Брег, го започна штрајкот со глад откако беше затворен во израелски затвор.
Тој беше префрлен во административен притвор на четири месеци, за време на кои судот одби да го ослободи и покрај влошената здравствена состојба.
И покрај жалбите и влошувањето на неговото здравје, Израел одби да го пушти Ал Ахраш и да го префрли во болница на Западниот Брег.
Ал Ахраш го продолжи штрајкот 103 дена, пред да го заврши на 6 ноември, по договорот со израелските власти да го пуштат на 26 ноември.
Властите на Израел од 1967 година кон Палестинците применуваат пракса на „администравен притвор“, што претставува кошмар за Палесинците кои на тој начин месеците и годините ги поминуваат во израелските затвори без судски процес.
Иако не се спроведуваат судски процеси, на затворениците со месеци и години им се продолжуваат мерките за притвор, а на нивните адвокати најчесто не им се дозволува пристап на т.н. „тајни докази“.
Се проценува дека околу 4.500 Палестинци, меѓу кои 40 жени, 170 малолетници и 700 пациенти, моментално се наоѓаат во израелските притворски објекти.