Mahmoud Barakat
24 Јули 2018•Ажурирај: 24 Јули 2018
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелскиот министер за одбрана, Авигдор Либерман, донесе одлука утре делумно да се отвори граничниот премин „Керем Шалом“, кој е единствен трговски коридор за Газа, пренесува Anadolu Agency (AA).
Одлуката ќе овозможи транспорт на гориво, гас, храна и лекови на блокираната палестинска територија.
Израел го затвори преминот „Керем Шалом“ на 9 јули за сета стока освен за храна и лекови. Исто така, на 16 јули Израел ја намали рибарската зона на шест поморски милји во склоп на санкциите кои Тел Авив ги постави за Газа поради фрлање змејови и балони со запалив материјал од страна на палестинските активисти во близина на границата Газа - Израел.
Минатата недела, израелските и палестинските сили на отпорот постигнаа договор за прекинот на огнот.
Илјадници Палестинци од крајот на март протестираат на границата со Газа, со барање да се стави крај на израелската блокада и да се вратат протераните Палестинци. Во интервенциите на израелските сили беа убиени повеќе од 140 демонстранти.