Mustafa Deveci
05 Септември 2018•Ажурирај: 06 Септември 2018
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелските сили во изминатите 18 месеци гаѓале над 200 ирански воени цели во зафатената со војна Сирија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Повикувајќи се на изјавата на воени претставници, израелските медиуми јавуваат дека Израел најголем дел од нападите на иранските цели во Сирија извел преку воздушни операции.
Неименуван израелски офицер истакна дека израелските бомбардери најчесто ги гаѓале оружените системи и инфраструктурата на Револуционерната гарда на Иран.
Целта на израелските напади е спречување на иранското воено присуство во Сирија, а од израелската Војска тврдат дека иранските сили се повлекле од поголемиот дел на гаѓаните упоришта.
Израелскиот министер за одбрана, Авигдор Либерман, претходно изјави дека Израел подготвува напади на ирански цели и надвор од територијата на Сирија.
„Ние не се ограничуваме на операции само на територијата на Сирија. Тоа треба сите јасно да го знаат. Без оглед каде се наоѓаат, ние ќе се бориме против сите ирански закани“, порача Либерман во текот на обраќањето на конференција во Ерусалим.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху последниот ден од август отворено се закани со напади во Сирија и врз иранските елементи во таа земја.