Ekip
08 Февруари 2022•Ажурирај: 09 Февруари 2022
АЛ-АГВАР
Израелските сили утринава иселија седум палестински семејства од нивните домови во градот Ал-Агвар на окупираниот Западен Брег, оправдувајќи го потегот со најава за воена вежба, јавува Агенција Анадолија (АА).
Израелската армија соопшти дека од утринава ќе ја користи областа за воена обука.
„Армијата започна воени вежби во голем број области во Ал Агвар, со учество на тенкови и оклопни возила“, изјави за АА Моатаз Бишарат, локален функционер одговорен за следење на израелските населби во Тубас и Ал Агвар.
Бишарат ја обвини израелската армија „за намерно извршување на својата обука во областа со цел да ги уништи палестинските обработливи површини и да ги принуди да заминат со цел на истиот простор да бидат изградени нелегални израелски населби“.
За обвинението израелската војска не даде никаков коментар.
Околу 65.000 Палестинци живеат во областа Ал Агвар во 34 заедници, додека околу 13.000 израелски доселеници живеат во тамошните населби.
Меѓународното право ги смета и Западниот Брег и Источен Ерусалим како окупирани територии и ги смета сите активности на еврејско градење населби таму за нелегални.