Lina Altawell
04 Мај 2026•Ажурирај: 04 Мај 2026
Израелската Влада одобри буџет во висина од 270 милиони долари за изградба на патиштата што ги поврзуваат нелегалните населби на окупираниот Западен Брег, објави денес весникот „Хаарeц”, пренесува Анадолу.
Весникот истакна дека Владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху одобрила повеќе од една милијарда шекели (околу 270 милиони долари) за изградба на патиштата кои ги поврзуваат новите населби во окупираната територија.
Во првата фаза ќе бидат издвоени околу 3 милиони шекели (приближно 1 милион долари) за подготовка на планот и за завршување на првичниот проект. Според весникот „Хаарец“, кој се повикува на владина изјава, овој проект во рок од 45 дена ќе биде доставен до Владата на одобрување.
Средствата за развојни активности ќе бидат обезбедени како дополнителен износ од буџетот на Министерството за финансии, се наведува во веста.
Конкретните локации на кои е предвидено да се градат овие патишта сѐ уште не се наведени, се додава.
Ваквата одлука доаѓа во време на забрзани активности во врска со нелегалните населби откако на должност стапи Владата на Нетанјаху кон крајот на 2022 година. Ова вклучува значително проширување низ целиот Западен Брег, вклучително и во окупираниот Источен Ерусалим.
Според палестинските процени, околу 750.000 израелски доселеници живеат на Западниот Брег, меѓу кои и околу 250.000 во Источен Ерусалим, во населбите што според меѓународното право се сметаат за нелегални.
Од октомври 2023 година, израелските сили и доселеници убија најмалку 1.155 Палестинци на Западниот Брег, ранија околу 11.750, а приведоа речиси 22.000 лица, покажуваат палестинските податоци.
Меѓународниот суд на правдата во јули 2024 година ја прогласи израелската окупација на палестинските територии за нелегална и побара евакуација на сите нелегални населби на Западниот Брег и во Источен Ерусалим.