Mohammad Sıo
16 Април 2026•Ажурирај: 16 Април 2026
Израелската Армија утринава ги повика жителите во јужен Либан да се евакуираат од областите јужно од реката Захрани, наведувајќи ги како причина тековните воени операции против Хезболах, јавува Анадолу.
Во соопштението на американската платформа за социјални медиуми Х, воениот портпарол Авичај Адри рече дека Армијата ќе продолжи со интензивните воздушни напади и ги повика цивилите „веднаш“ да си заминат.
„Воздушните напади се во тек додека Армијата дејствува со голема сила во областа. За ваша безбедност, повторно ве повикуваме веднаш да се евакуирате од вашите домови и да се упатите северно од реката Захрани“, изјави тој.
Адри истакна дека операциите се насочени кон она што тој го опиша како активност на Хезболах, предупредувајќи дека цивилите во близина на членовите или капацитетите на групата ќе бидат изложени на ризик.
„Секој што се наоѓа во близина на оперативци, инфраструктура или борбени средства на Хезболах го доведува својот живот во опасност“, рече тој.
Тој додаде дека останувањето јужно од реката или обидот за движење понатаму кон југ може да ги изложи цивилите на опасност.
Предупредувањето е дадено откако американскиот претседател Доналд Трамп доцна синоќа изјави дека израелските и либанските лидери ќе разговараат денес, за првпат по приближно три децении.
Објавата следуваше по состанокот во вторникот во Стејт департментот на кој присуствуваа либанската амбасадорка Нада Хамаде и израелскиот амбасадор Јехиел Лајтер, чиј домаќин беше државниот секретар Марко Рубио, заедно со американскиот амбасадор во Либан, Мишел Иса, советникот во Стејт департментот, Мајкл Нидам, и амбасадорот на САД во Обединетите нации, Мајк Валц.
Хезболах немаше претставници на состанокот.
Израел ги продолжи нападите во јужен Либан по прекуграничниот напад на Хезболах на 2 март, и покрај прекинот на огнот што стапи на сила во ноември 2024 година.
Либанските здравствени власти соопштија дека над 2.000 луѓе се убиени, а повеќе од 1 милион се раселени од март досега.