Lina Altawell
05 Март 2026•Ажурирај: 05 Март 2026
ИСТАНБУЛ (AA) - Израелската Армија денес повторно ги предупреди жителите на јужен Либан да се евакуираат од областите јужно од реката Литани, вклучително и градовите Тир и Бинт Џбеил, и да се движат северно од реката во пресрет на најавените напади, јавува Анадолу.
Предупредувањето доаѓа во време кога Тел Авив ги засилува воените активности против Либан од понеделникот, по почетокот на заедничките напади на САД и Израел врз Иран во саботата.
Во објава на американската компанија за социјални медиуми X, портпаролот на израелската Армија, Авичај Адрае, ги повика сите жители на јужен Либан „веднаш да почнат да се движат северно од реката Литани“.
Адрае рече дека предупредувањето се однесува и на жителите на градовите Тир и Бинт Џбеил и најави дека Израел „ќе дејствува силно“ против Хезболах.
Тој предупреди дека „секој што се наоѓа во близина на припадниците на Хезболах, нивни објекти или борбена опрема го доведува својот живот во опасност“.
Адрае го прошири предупредувањето и на домовите за кои тој тврди дека „се користат од Хезболах за воени цели“.
Во средата, израелската Армија ги повика сите жители на јужен Либан веднаш да се евакуираат и да се упатат северно од реката Литани.
Во последните месеци, десничарските кругови во Израел повикуваат на окупација на областите јужно од реката Литани и воспоставување „безбедносна зона“ таму.
Хезболах во понеделникот нападна воена позиција во северен Израел со ракети и беспилотни летала како одговор на тековните напади врз Либан и убиството на иранскиот врховен лидер Али Хаменеи, по што Тел Авив започна серија воздушни напади врз Либан.
Додека израелската Армија тврди дека ги цели инфраструктурните објекти на Хезболах, либанската Национална новинска агенција соопшти дека многу од нападите погодиле цивили.
Израел уби повеќе од 4.000 луѓе и рани околу 17.000 други за време на нападите врз Либан, кои започнаа во октомври 2023 година и прераснаа во целосна војна во септември 2024 година.
И покрај договорот за прекин на огнот со Хезбоолах од ноември 2024 година, Израел продолжи речиси секојдневно да го прекршува прекинот на огнот, при што беа убиени и повредени стотици лица.