Aida Cako
14 Мај 2025•Ажурирај: 14 Мај 2025
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелската Армија соопшти дека денеска пресретнала две балистички ракети истрелани од Јемен, од кои една предизвика активирање на сирените за воздушен напад во неколку големи израелски градови, објавија воени и медиумски извори, јавува Анадолу.
Првата ракета ги активираше сирените во Ерусалим, Тел Авив, Ришон Лецион, Херцлија, Лод и други населени места, јави израелскиот весник „Једиот ахронот“. Израелската Армија потврди дека ракетата била пресретната во воздух.
Две лица во Израел се повредени додека трчале да се засолнат, соопшти службата за итни случаи Маген Давид Адом.
Околу два часа подоцна, Радиото на израелската Армија јави дека е истрелана втора ракета од Јемен, но таа наводно паднала пред да влезе во израелскиот воздушен простор. Овој напад не ги активираше сирените.
Сирените се огласија и во неколку делови на окупираниот Западниот Брег и во близина на Мртвото Море.
Јеменската група Хуси ја презеде одговорноста за нападот, тврдејќи дека истрелале хиперсонична балистичка ракета кон Меѓународниот аеродром „Бен Гурион“ во знак на солидарност со Палестинците во Газа и дека нападот ја постигнал својата цел.
Овој инцидент следуваше по серијата напади од страна на Хусите. На 4 мај, групата тврдеше дека погодила со ракета аеродром во Израел, при што според наводите, биле повредени неколку лица и била предизвикана масовна паника, според израелските медиуми.
Како одговор на тоа, израелската Армија спроведе обемни воздушни напади врз цели во Јемен, вклучително и врз Меѓународниот аеродром во Сана, електрана и фабрика за цемент. Нападите следуваа по претходен израелски напад врз пристаништето Ал Худајда. Според Хусите, во овие воздушни напади загинале седум лица, а 94 биле повредени.
Хусите од ноември 2023 година напаѓаат бродови што минуваат низ Црвеното Море, Арапското Море, Баб ел-Мандаб и Аденскиот Залив во знак на поддршка за Палестинците во Појасот Газа, каде што од октомври минатата година досега, според палестински извори, се убиени над 52.900 луѓе, најмногу жени и деца.
Групата ги прекина нападите кога во јануари беше прогласено примирје меѓу Израел и палестинското движење Хамас, но повторно ги продолжи нападите по обновените израелски воздушни напади врз Газа во март.