Tarek Chouiref
06 Август 2026•Ажурирано: 06 Август 2026
Израел разгледува можност за дополнителни воени напади врз Либан, додека Армијата се подготвува за натамошна ескалација, и покрај тековните индиректни преговори меѓу двете страни во Рим, јавија вчера израелските медиуми, пренесува Анадолу.
Израелскиот јавен радиодифузен сервис, повикувајќи се на неименувани израелски извори, објави дека одговорот на израелската Армија на, како што тврди, прекршувањата на прекинот на огнот од страна на Хезболах „не е завршен“, додавајќи дека се разгледуваат дополнителни опции, вклучително и, како што се наведува, „чувствителни операции“.
Според известувањата, либанските претставници настојуваат да го ограничат обемот на евентуалниот израелски одговор во текот на актуелната рунда разговори со посредство на САД во италијанската престолнина, надевајќи се дека Вашингтон ќе изврши притисок врз Израел да избегне натамошна ескалација.
Телевизијата „Канал 13“ објави дека израелската Армија продолжува со подготовките за можна ескалација и изработува дополнителни опции за напади во наредните часови, по првиот бран напади врз јужен Либан.
Одделно, „Канал 12“ јави дека воениот врв побарал од политичкото раководство да одобри, како што наведува, „посилен и поодлучен“ одговор во Либан.
Известувањата следуваа по експлозијата што претходно вчера погоди израелска воена единица во областа Маџдал Зун во јужен Либан.
Израелските медиуми објавија дека во експлозијата имало жртви меѓу припадниците на единицата, при што четворица тешко ранети војници биле евакуирани со воени хеликоптери во Медицинскиот центар „Рамбам“. Израелската Армија сѐ уште не објави официјален биланс на жртвите.
Во меѓувреме, либанската државна Национална новинска агенција соопшти дека во израелските напади врз јужниот град Тебнин загинало едно лице, а 12 биле повредени, додека семејствата го напуштиле градот Мансури откако израелската Армија издала наредба за евакуација.
Овие случувања се одвиваат додека во Рим се одржува вториот ден од втората рунда индиректни разговори меѓу Либан и Израел. Претходните пет рунди беа одржани во Вашингтон во рамки на преговарачкиот процес со посредство на САД.
Според либанското Министерство за здравство, Израел продолжил со нападите во Либан од 2 март наваму, при што загинале 4.333 лица, а 12.250 биле повредени.