Ahmed Asmar
27 Јануари 2025•Ажурирај: 28 Јануари 2025
ЏЕНИН (АА) – Израелската Армија денес ја продолжи офанзивата во градот Џенин на Западниот Брег и во неговиот бегалски камп, седми ден по ред, јавува Анадолу.
Според сведоци, Армијата и понатаму го опколува бегалскиот камп од сите страни, а пријавени се судири помеѓу израелските сили и палестинските борци, проследени со звуци на експлозии.
Извори исто така потврдија дека израелската Армија продолжува со рушење на домови во кампот.
Градоначалникот на Џенин, Мохамад Џарар, во неделата изјави дека околу 15.000 луѓе биле принудени да ги напуштат своите домови и околните области поради израелските напади.
Тој додаде дека, според првичните проценки, израелската Армија целосно уништила помеѓу 30 и 40 домови во Џенин, додека стотици други биле делумно оштетени.
„Израелската Армија уништува улици и инфраструктура, создавајќи патеки за своите возила низ урнатините од палестинските домови“, додаде тој.
Израелските сили ја започнаа воената операција во вторникот, а досега, според палестински извори, се убиени најмалку 16 луѓе, додека 50 други се повредени.
Нападот, според аналитичарите, е дел од политичкиот маневар на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за да го задоволи крајно десничарскиот министер за финансии Безалел Смотрич, кој се противеше на примирјето во Газа, што стапи во сила на 19 јануари.
Се верува дека Нетанјаху го ветил нападот за да го спречи Смотрич да поднесе оставка, што би довело до пад на Владата.
Тензиите низ окупираниот Западен Брег ескалираа од почетокот на војната на Израел во Газа во октомври 2023 година, при што, според палестинското Министерство за здравство, убиени се најмалку 876 Палестинци, а над 6.700 се повредени.
Меѓународниот суд на правдата во јули ја прогласи долготрајната израелска окупација на палестинските територии за нелегална и повика на евакуација на сите населби на Западниот Брег и во Источен Ерусалим.