Ikrame Imane Kouachi
06 Декември 2024•Ажурирај: 08 Декември 2024
Израелската Армија денес објави дека ги зајакнала своите сили во окупираната Голанска Висорамнина како одговор на тековниот брз развој на случувањата во Сирија, јавува Анадолу.
Израелската Армија соопшти дека „одлучила да ги зајакне воздушните и копнените сили на Голанската Висорамнина поради тековната ситуација во Сирија“.
„Израелските сили се распоредени покрај сириската граница, внимателно го следат развојот на настаните во областа“, се додава во соопштението.
Локалните медиуми денес објавија дека израелскиот безбедносен кабинет ќе се состане в сабота и недела за да разговара за ситуацијата во Сирија којашто е во развој.
Во сличен развој на настаните, израелската Армија, исто така, денес започна воени вежби во јужната Голанска Висорамнина и во северната Јорданска Долина.
Синоќа израелската Армија објави дека министерот за одбрана Израел Кац и началникот на Генералштабот Херци Халеви се сретнале со високи воени претставници за да ја проценат ситуацијата во Сирија.
Израел, кој на север се граничи со Сирија, е загрижен поради запленувањето оружје од страна на опозициските сили за кое стравува дека подоцна може да се користи против израелската војска.
Од 27 ноември сириските опозициски фракции се во судир со режимските сили во неколку региони.
Антирежимските сили ја презедоа контролата врз провинцијата Идлиб на север и поголемиот дел од провинцијата Алепо, а вчера ја освоија Хама во Централна Сирија по интензивните судири што траат со денови.