Израелската Армија прикрива податоци за отпуштени илјадници војници од служба поради психолошки трауми за време на војната во Газа, објави денес весникот „Хаарец”, пренесува Анадолу.
Армијата „не ги обезбедува сите податоци во врска со бројот на војници кои поради нивната ментална состојба се отпуштени за време на војната“, се наведува во весникот.
„Хаарец“ соопшти дека упатиле барање за целосен увид во податоците до портпаролот на Армијата во 2025 година, но барањето било одбиено со образложение дека тоа мора да биде поднесено согласно со израелскиот Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Официјално барањето за целосен пристап до податоците е формално поднесено на почетокот на јуни 2025 година, но воените власти сè уште немаат доставено одговор.
Според дневниот весник, ваквото одложување претставува прекршување на законот, кој налага властите да одговорат на барањата во рок од 30 дена, при што продолжување до 120 дена е дозволено исклучиво под посебни околности.
Весникот пренесува дека еден месец по барањето, војската побарала продолжување на рокот за дополнителни 30 дена, но и покрај тоа, податоците сè уште не се објавени.
Повикувајќи се на неименувани офицери од Дирекцијата за персонал на војската и во Канцеларијата на портпаролот, „Хаарец“ наведува дека Армијата има тенденција да го одложи објавувањето на податоците кои „не ги задоволуваат командантите или не служат на нејзините стратегиски цели“.
Резервен офицер во Дирекцијата за персонал изјави дека постојат офицери „кои знаат како да манипулираат со бројките и процентите и да ги прикријат информациите што не се во интерес на Армијата“.
„Доколку на портпаролот на Армијата му се потребни информации за да побие одредено новинарско или политичко тврдење, тие вложуваат максимални напори да ги обезбедат во рок од неколку часа“, истакна офицерот.
„Јасно е дека Армијата не сака јавноста да биде запознаена со степенот на психолошкиот притисок на кој се изложени војниците“, додаде тој.
Според дневниот весник, извори од Одделот за ментално здравје на Армијата веруваат дека воените власти имаат причини да го избегнуваат објавувањето податоци за овој феномен поради неговите размери, стравувајќи дека тоа би можело да го наруши моралот кај јавноста.
„Хаарец“ наведува дека од почетокот на војната, израелската Армија се соочува со досега незабележан број војници кои страдаат од психолошки нарушувања.
„Уште на почетокот, Армијата и Министерството за одбрана се соочиле со досега невиден број случаи на војници со тешки психолошки трауми”, се вели во весникот.
Весникот открива дека голем број војници кои учествувале во борбените дејствија за време на опсадата на Газа пријавиле сериозно ментално растројство и изјавиле дека се неспособни да се вратат на воените активности.
Армијата значително го зголемила бројот на офицери за ментално здравје, формирала специјализирани центри за третман и ги изоставила растечките бројки за самоубиства кај војниците од официјалните публикации сè до крајот на 2024 година, објави весникот.
„Хаарец“ истакна дека минатиот јули, по бројните новинарски прашања и поднесената петиција од здружението „Хацлаха“, Армијата конечно се согласила да ги објави податоците кои ја опфаќаат првата година од војната.
Според бројките, во тој период 7.241 офицер и војник биле отпуштени од служба поради психолошки состојби.
Извори од Дирекцијата за персонал на Армијата за весникот изјавија дека оваа бројка се верува дека е највисоката досега регистрирана во историјата на војската.
Меѓутоа, според информациите, одредени офицери тврдат дека наведената бројка е помала од реалната, додека Армијата официјално го негира поседувањето целосни податоци за овој феномен.
Весникот дополнува дека илјадници регрути во текот на воените дејствија биле прераспоредени на логистички позиции или во заднина како последица на акумулиран психолошки стрес и состојба на тешка психофизичка исцрпеност.
Израел започна геноцидна војна во Појасот Газа во октомври 2023 година, во која беа убиени повеќе од 72.000 Палестинци, а над 172.000 беа повредени, од кои мнозинството се жени и деца.
И покрај договорот за прекин на огнот кој е во сила од 10 октомври минатата година, Израел ги продолжи смртоносните напади и блокадата на Газа, во кои се убиени 837 Палестинци и повредени 2.381, главно жени и деца, а предизвика и пошироко распространето уништување на регионот.
news_share_descriptionsubscription_contact
