Mustafa Deveci
31 Јануари 2020•Ажурирај: 02 Февруари 2020
ЕРУСАЛИМ (КУДС) (АА) - Десет Палестинци се повредени во упадот на израелската полиција по утринската молитва во комплексот на „Ал Акса“, што се наоѓа во окупираниот Источен Ерусалим (Источен Кудс), јавува Агенција Анадолија (АА).
Официјален претставник на Исламската фондација во Ерусалим, кој сакаше да остане анонимен, во изјавата за АА истакна дека голем број Палестинци во „Ал Акса“ извршувале утринска молитва.
Израелската полиција по утринската молитва се обидела присилно да ги истера Палестинците од „Ал Акса“, на што тие реагирале.
Потоа, израелската полиција гаѓала со пластични куршуми кон верниците.
- Повредени 10, приведени 3 лица -
Здравствени извори изјавија дека во нападот на израелската полиција повредени се 10 Палестинци, а приведени се 3 Палестинци при излегување од „Харем-и Шериф“.
Од друга страна, во соопштението од израелската полиција се истакнува дека за време на денешната утринска молитва една група извикувала национални слогани и дека полицијата интервенирала за да го обезбеди јавниот ред и мир.
Израелската полиција во изминатите две недели во петоците упаѓа во „Ал Акса“ и ги напаѓа верниците.
Со „Ал Акса“ управува Управата за вакафи во Ерусалим (Кудс), врз основа на договорот потпишан меѓу Израел и Јордан во 1994 година.
Комплексот „Ал Акса“ се простира на 15 отсто од површината на старото јадро на Ерусалим, кое е под израелска окупација, а претставува точка на спојување на трите најголеми религии на светот.
По „Месџид ал Харам“ во Мека и Џамијата на пратеникот во Медина, „Ал Акса“ е трето најважно место за муслиманите.