Hamdi Yıldız
10 Мај 2022•Ажурирај: 12 Мај 2022
РАМАЛА (АА) - Израелски војници повредија 8 Палестинци за време на настаните во северниот град Наблус на окупираниот Западен Брег, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според информациите до кои дојде АА, еврејските доселеници под заштита на израелската војска со автобус се упатиле кон гробницата Јусуф во градот Наблус, каде извршиле упад.
Палестинците, кои сакаа да ја затворат улицата „Аман“ во близина на гробницата, фрлаа молотови коктели и камења за да ги запрат возилата на Израелската армија.
Израелските војници отворија оган врз Палестинците со вистински и гумени куршуми, а исто така употребија и солзавец и звучни бомби.
Директорот за итни случаи на палестинската Црвената полумесечина, Ахмед Џибрил, во изјавата за Агенција Анадолија рече дека 8 Палестинци се повредени како резултат на отворениот оган со вистински и гумени куршуми од страна на израелските војници, а 13 Палестинци се погодени од солзавецот и звучните бомби.
Џибрил додаде дека три лица, вклучително и еден млад човек кој е ранет со вистински куршуми, се пренесени во болницата „Рафидија“ во Наблус.
Инаку, турбето на божјиот пратеник Јусуф кое се наоѓа во источниот дел на Наблус се смета за свето место од страна на Евреите, кои веруваат дека коските на пратеникот биле донесени од Египет и закопани на тоа место.
Палестинските експерти за историски артефакти тврдат дека турбето не е на пратеникот Јусуф, туку на научник муслиман под името Јусуф Дузејкат.
14 Израелци го загубија животот во четири напади во Израел во последните 3 недели. По рациите на Израелската армија на Западниот Брег, насилството во регионот се зголеми и најмалку 20 Палестинци ги загубија животите.