Anees Suheil Barghouti
04 Февруари 2019•Ажурирај: 05 Февруари 2019
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелски градоначалник упати повик до граѓаните да пријават доколку забележат баратели на азил од африканските земји, со цел да ги отстрани од градот, пренесува Anadolu Agency (AA).
Израелскиот весник „Хаарец“ (Haaretz) денес објави дека градоначалникот на Петах Тиква, Рами Гринберг, побарал од жителите да пријават, преку посебна телефонска линија, какви било баратели на азил доколку забележат во близина.
„По создавањето на разузнавачка инфраструктура, општината и имиграциските власти ќе работат координирано за нивно отстранување од градот“, истакнал Гринберг на состанокот со Јоси Еделстејн, челникот на Одделот за население и имиграции на Израел.
Според „Хаарец“, на барателите на азил од африканските земји им е дозволено да живеат и да работат во кој било град во Израел - со еден исклучок.
„Визите на 480 баратели на азил, кои [неодамна] беа ослободени од Центарот за притвор, им забрануваат да работат и живеат во седум градови, од кои еден е Петах Тиква“, истакнува весникот.
Според проценките, во Петах Тиква моментално живеат околу 2.500 баратели на азил од Африка.
Според податоците на УНХЦР, Израел е домаќин на околу 33.000 баратели на азил од африканските земји, меѓу кои 25.500 од Еритреја и 7.500 од Судан.
Повеќето од нив пристигнаа во Израел преку Египет во периодот од 2006 до 2013 година, пред да биде подигната безбедносна ограда по должината на границата во јужен Израел со Синајскиот Полуостров во Египет.
Од 2012 година, Израел депортираше околу 20.000 африкански мигранти и баратели на азил за кои се смета дека влегле во земјата илегално.