Lina Altawell
11 Август 2026•Ажурирано: 11 Август 2026
Израелски дрон ги нападна екипите на брзата помош додека евакуирале повредено лице во Набатије, во јужен Либан, што претставува најново прекршување на рамковниот договор постигнат со посредство на САД, објавија либанските медиуми, пренесува Анадолу.
Дронот ги гранатирал екипите на брзата помош од Исламската здравствена управа, Бајт ал-Талаба и Исламската скаутска асоцијација „Рисала“ додека пренесувале лице повредено во претходен напад врз автомобил во областа, објави државната Национална новинска агенција.
Во нападот биле оштетени неколку амбулантни возила, но засега нема информации за повредени меѓу медицинските екипи.
Агенцијата објави дека израелски дрон фрлил експлозивни и запаливи материјали на периферијата на Кфар Руман, во непосредна близина на Набатије, без да даде детали за евентуални жртви или материјална штета.
Нападот се случил и покрај рамковниот договор што Бејрут и Тел Авив го потпишаа кон крајот на јуни со посредство на САД. Рамковниот договор предвидува постепено израелско повлекување од окупираната територија на Либан во замена за распоредување на либанската Армија и разоружување на вооружените групи, што се однесува на Хезболах.
И покрај неколкуте рунди преговори, Израел продолжи со секојдневните напади во Либан, пеи што загинаа најмалку 4.335 лица, 12.277 беа повредени, а повеќе од 1 милион лица беа раселени од 2 март, според либанските власти.