Lina Altawell
23 Јуни 2026•Ажурирано: 23 Јуни 2026
Израел не е дел од преговорите меѓу САД и Иран и ќе ја продолжи својата офанзива во Либан сè додека Хезболах не биде „целосно елиминиран“, а не само разоружан, изјави израелскиот министер за финансии Безалел Смотрич, пренесува Анадолу.
Смотрич, кој е министер од крајната десница во израелскиот безбедносен Кабинет, утрово ги даде овие изјави во интервју за израелското Воено радио.
„Израел по сопствен избор не е дел од преговарачките разговори со Иран“, изјави тој, додавајќи: „Ние нема да водиме разговори со ѓаволот“.
„Ние не сме страна во преговорите меѓу Соединетите Американски Држави и Иран и тие воопшто не нè засегаат“, нагласи Смотрич.
„Ќе продолжиме со целосните операции во Либан“, додаде тој.
„Израелската војска нема да се повлече од безбедносната зона во Либан, вклучувајќи ја и тврдината Бофор, сè додека постои Хезболах“, рече тој.
„Нема да се повлечеме не само додека Хезболах не се откаже од своето оружје, туку сè додека организацијата целосно не биде елиминирана“, продолжи тој.
„Ние не сакаме Хезболах да биде само разоружен, туку и целосно да се расформира, да не биде дел од Владата во Либан и да нема никаква воена сила што би го загрозувала Израел“, изјави тој.
Ваквите коментари доаѓаат во време на сè поголеми несогласувања во израелските политички и безбедносни кругови околу Меморандумот за разбирање меѓу САД и Иран, како и околу нивните можни импликации за завршување на војната на либанскиот фронт.
Израел и Либан денес треба да ја одржат петтата рунда директни преговори во Вашингтон. Претстојните разговори следуваат по четирите претходни рунди меѓу двете страни што започнаа во април како дел од процесот насочен кон ставање крај на израелската војна во Либан.
Преговорите со посредство на САД се одвиваат во време кога во Израел растат критиките за начинот на кој Вашингтон раководи со разговорите со Иран и Хезболах.
Израелскиот новински портал „и24Њуз“, повикувајќи се на израелски претставници, објави дека Тел Авив стравува дека договорот меѓу САД и Иран би можел да ги зајакне Техеран и неговите сојузници во регионот.
Според официјалните либански податоци, во израелските напади во Либан од 2 март наваму се убиени повеќе од 4.100 луѓе, а над 12.000 се повредени.
Израел продолжува да окупира области во јужен Либан, некои ги држи со децении, а други одземени за време на војната во 2023–2024 година.