Mustafa Deveci
18 Јуни 2018•Ажурирај: 18 Јуни 2018
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелските војници приведоа 13 Палестинци на различни места во окупираниот Западен Брег, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението на израелската војска, во операциите извршени во текот на вчерашната ноќ во Западен Брег се приведени 13 Палестинци под изговор дека се вмешани во терористички настани.
Во веста на официјалната новинска агенција на Палестина ВАФА (WAFA), се соопштува дека четири лица се приведени во градот Хеброн во Западен Брег, меѓу кои и едно девојче.
Палестинските власти сè уште не дадоа изјава за приведувањата.
Според последните податоци на Здружението на палестински затвореници, во израелските затвори се наоѓаат 6.000 Палестинци, од кои 350 се деца.
Израелската администрација под името „административен притвор“ може да приведува Палестинци и да ги држи во притвор од еден до шест месеци, базирајќи се на тајни безбедносни информации.
Во случај за приведеното лице да биде донесена одлука дека „претставува опасност за безбедноста на Израел“, воениот судија може да му го продолжи периодот на притвор до 5 години.