Hamdi Yıldız
02 Јануари 2023•Ажурирај: 03 Јануари 2023
ЗАПАДЕН БРЕГ (АА) - Израелски војници смртно застрелаа двајца млади Палестинци и ранија осум лица во градот Џенин, на окупираниот Западен Брег, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според веста на палестинската државна новинска агенција „ВАФА“, директорот на болницата „Ибн Сина“ во Џенин, Самир Атије, истакнува дека како резултат на отворен оган од окупаторските сили за време на рацијата во селото Кефр Дан на западниот дел на градот загинале две лица, додека осум лица се повредени, од кои едното е во тешка состојба.
Атије рече дека Мухамед Самир Хушије (21) бил застрелан во градите, додека Фуад Махмуд Ахмед Абид (17) бил застрелан во стомакот.
Во веста се наведува дека израелската армија извршила рација во селото Кефр Дан со голем број војници, со цел да ја срушат куќата на Палестинецот Абдурахман Хани Абид, кој починал претходно.
Се истакнува дека за време на рацијата и операцијата за демолирање на куќата настанаа судири меѓу израелските окупаторски сили и младите во регионот.
Израелските војници во овие рамки го приведоа Махир Абид, братот на Абдурахман Хани Абид.
Движењето Фатах во својата порака за сочувство нагласи дека утре пред државната болница во Џенин ќе се одржи погребната церемонија за младите кои ги загубија животите.
Според податоците на Обединетите нации (ОН), палестинските власти и невладините организации, израелските сили во текот на 2022 година убиле 220 лица, од кои 48 деца. Се истакнува дека 168 од нив се убиени во окупираниот Западен Брег, додека 52 во Појасот Газа, кој е под блокада.
Исто така, се наведува дека израелските сили во овој период повредиле над 9.000 Палестинци, срушиле 950 куќи на Палестинците и заплениле големи површини на земјиште.