Hacer Başer,Safiye Karabacak
15 Април 2019•Ажурирај: 16 Април 2019
РАМАЛА (AA) - „Израелските сили од 1967 година приведоа милион Палестинци“, се наведува во соопштението на Комисијата за работи со палестинските затвореници, Здружението на палестинските затвореници и Високиот совет за затвореници, објавено по повод состојбата на палестинските затвореници во израелските затвори, јавува Anadolu Agency (AA).
Челниците на трите организации во Рамала одржаа конференција за медиумите по повод Денот на палестинските затвореници.
„Израел од 1967 година приведе милион Палестинци. Моментално во израелските затвори се наоѓаат 5.700 затвореници“, се наведува во соопштението.
Во првиот квартал од оваа година приведени се 1.600 Палестинци, а до Палестинците е упатен повик поактивно да учествуваат во одбележувањето на Денот на палестинските затвореници, кој секоја година се одржува на 17 април.
Меѓу затворениците во израелските затвори се наоѓаат 250 малолетни лица, а освен тоа, 36 палестински малолетници во Ерусалим (Кудс) се во домашен притвор.
Во затворите се наоѓаат и 47 жени и 500 лица кои се во административен притвор, меѓу кои се и шест пратеници. Исто така, во израелските затвори се наоѓаат 700 болни, од кои 30 заболени од карцином.
Исто така, 56 затвореници се подолго од 20 години во затвор, а Керим и Махир Јунус во затвор се веќе 37 години.
Се наведува и дека од 1967 година во израелските затвори починале 221 лице, од кои 78 се убиени или погубени, 73 им подлегнаа на повредите добиени од измачување, 63 поради медицинско невнимание, а седум во оган што го отвориле чуварите или војниците.