Mustafa Deveci
04 Март 2019•Ажурирај: 05 Март 2019
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелските сили притворија 24 Палестинци во различни области на окупираниот Источен Ерусалим (Кудс) и Западниот Брег, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението на израелската Армија, во рациите во различни делови на Западниот Брег, со тврдење дека се „вмешани во терористички дејства“, притворени се 16 Палестинци.
Во соопштението се истакнува дека Палестинците притворени на Западниот Брег, заради понатамошно испитување биле упатени во центарот за притвор.
Од друга страна, локалните извори истакнуваат дека во Источен Ерусалим од страна на израелските сили биле приведени осум Палестинци.
Израелската Војска често спроведува апсења низ Западниот Брег, со образложение дека трага по „барани“ Палестинци. Приведувањата во Западниот Брег и Источен Ерусалим станаа вообичаени. Одредени Палестинци, вклучувајќи и жени и деца, со денови се задржувани во центрите за притвор.
Според палестинските податоци, околу 6.000 Палестинци во моментот се наоѓаат во затворите во Израел, вклучувајќи 430 административни притвореници и 270 деца.
Илјадници Палестинци завршуваат во израелските затвори најчесто поради наводни обвинувања дека претставуваат закана за националната безбедност на Израел.
Ако се донесе одлука дека се „закана за безбедноста на Израел“, воениот судија може да им го продолжи периодот на притвор до 5 години, дури и да нема кривично обвинение.