Muhammed Sabry
29 Февруари 2024•Ажурирај: 01 Март 2024
ГАЗА (АА) - Најмалку 112 Палестинци загинаа, а 760 се повредени денес кога израелските сили гранатираа толпа што чекаше хуманитарна помош јужно од градот Газа, соопшти Министерството за здравство во Газа, јавува Анадолу.
Според очевидци, стотици Палестинци чекале да добијат помош во близина на Довар ал Наблуси кога биле нападнати од израелските сили.
„Окупацијата имаше однапред смислена намера да го изврши овој ужасен масакр“, се вели во соопштението на канцеларијата за медиуми.
Израелската армија е обвинета од страна на канцеларијата за медиуми дека ги убила жртвите „ладнокрвно“ бидејќи Израел бил свесен за нивното присуство во областа.
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, училишта, верски објекти и болници по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7 октомври минатата година.
Според податоците на Обединетите нации, 85% од населението на Појасот Газа е интерно раселено и се соочува со акутен недостаток на храна, чиста вода и лекарства, додека околу 60% од инфраструктурата во Појасот Газа е оштетена или уништена.
Оттогаш во израелските напади врз Газа загинати се најмалку 30.035 Палестинци, а над 70.457 се повредени.
По обвинението за геноцид што го поднесе Јужноафриканската Република, Меѓународниот суд на правдата на 26 јануари пресуди дека Израел мора да се воздржи од какви било активности поврзани со убивање, напади и уништување на жителите на Газа и да ги преземе сите мерки за да спречи геноцид.
Меѓутоа, израелските сили и понатаму продолжуваат со нападите врз Појасот Газа.
Официјалната бројка на загинати во Израел изнесува 1.200, но, според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.
„Ханибалова директива“ или „Ханибалов протокол“ е контроверзна процедура што ја користат израелските одбранбени сили (ИДФ) со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.