Betül Yılmaz
24 Јуни 2025•Ажурирај: 25 Јуни 2025
ГАЗА (АА) - Најмалку 50 цивили, повеќето од нив лица што се обидувале да дојдат до храна, се убиени, а над 200 се повредени во новите израелски напади врз Појасот Газа денес, соопштија медицински лица, јавува Анадолу.
Медицински извор за Анадолу изјави дека 37 Палестинци ги загубиле животите од истрели на израелската армија додека чекале во близина на пункт за дистрибуција на помош во коридорот Нецарим во централниот дел на Газа и во напад врз куќа во источниот дел на Газа.
Болницата „Ал-Авда“ потврди дека примила 146 повредени лица, од кои 62 во критична состојба, во израелскиот оган врз пункт за дистрибуција на помош на улицата „Салах ал-Дин“ во централна Газа.
Според сведоците, неколку тела сè уште се на земја во близина на коридорот Нецарим, а медицинските лица не можат да ги извлечат поради израелското гранатирање.
Три лица се убиени и неколкумина се повредени во израелскиот напад врз шатор во кој биле засолнети раселени цивили во Кан Јунис во јужниот дел на Појасот Газа, вели медицински извор.
Изворот додаде дека во Кан Јунис биле пронајдени телата на две лица убиени во претходните израелски напади.
Според Канцеларијата за човекови права на ОН, во израелските напади врз Газа од 27 мај се убиени најмалку 503 Палестинци кои барале помош, а 3.000 се повредени.
Отфрлајќи ги меѓународните повици за прекин на огнот, израелската армија спроведува брутална офанзива во Газа од октомври 2023 година, во која се убиени над 56.000 Палестинци, повеќето од нив жени и деца.
Минатиот ноември Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за војната против палестинската енклава.