Mücahit Aydemir
19 Јуни 2022•Ажурирај: 20 Јуни 2022
РАМАЛА (АА) - Израелските војници убија Палестинец кој наводно се обидувал да влезе во Израел преминувајќи го Sидот на раздвојување во северниот дел на окупираниот Западен Брег, известува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за здравство на Палестина соопшти дека Небил Ахмед Ганим, момче од Наблус, загинал од истрелите што израелските окупаторски сили ги отвориле во близина на портата „Џелџулија“ на Sидот на раздвојување.
Од друга страна, палестинската новинска агенција ВАФА објави дека Ганим бил работник во Израел и дека израелските сили го држат телото на момчето во болницата во Меир во Кефер Себи.
Радиото на израелската Војска објави дека Ганим е убиен од истрелите на Војската додека се обидувал да го премине Ѕидот на раздвојување.
Илјадници палестински работници кои се обидуваат да дојдат до своите работни места, ги користат отворите во Ѕидот на раздвојување или затоа што немаат дозвола за влез во Израел, или за да го избегнат стампедото на израелските контролни пунктови во недела, која во тој дел од светот е почеток на работната недела.
Sидот на раздвојување, што Израел почна да го гради во 2002 година, се состои од бетонски плочи со висина од 4,5 до 9 метри. Sидот е долг 712 километри и се протега низ окупираната територија на Западниот Брег.