Mohammad Sıo
13 Ноември 2025•Ажурирај: 14 Ноември 2025
ДАМАСК / ИСТАНБУЛ (АА) – Израелските сили влегоа во градот Квадана во југозападната сириска покраина Кунеитра, објавија денес локалните медиуми, пренесува Анадолу.
Државниот канал Ал-Ихбарија објави за упадот, без да даде дополнителни детали.
Нема непосреден коментар од израелската армија или сириските власти за наводите.
Од неодамна се интензивираа израелските упади во Кунеитра, а локалното население се жали на напредувањето на Тел Авив на просторот на нивното обработливо земјиште, како и за уништувањето на стотици хектари шуми, апсења на жителите и воспоставувањето воени контролни пунктови.
Израелската армија постојано преминува на сириска територија, извршувајќи воздушни напади во кои загинаа цивили и уништени се воени позиции, возила, оружје и муниција што ѝ припаѓаа на сириската армија.
Според владини податоци, израелската армија извршила над 1.000 воздушни напади врз Сирија и повеќе од 400 прекугранични напади врз јужните покраини од декември 2024 година.
По падот на режимот на Асад кон крајот на 2024 година, Израел ја прошири својата окупација на сириската Голанска Висорамнина со заземање на демилитаризираната тампон зона, потег со кој се прекрши Договорот за недејствување со Сирија од 1974 година.