Ekipa
01 Јули 2018•Ажурирај: 02 Јули 2018
ЧАНДИГАР (AA) – Најмалку 44 лица загинаа во сообраќајна несреќа што се случи рано утринава во северниот дел на Индија, јавува Anadolu Agency (AA).
Патнички автобус се урна во длабока планинска клисура во сојузната индиска држава Утараканд.
„Несреќата се случи во областа Паури Гархвал, а спасувачките и другите надлежни служби се на терен. Досега извадивме тела на 35 мртви“, изјави за АА претставникот на локалната Цивилна заштита, Сушил Кумар, претходно во текот на денот.
Тимовите за спасување продолжија да ги извлекуваат сериозно повредените лица, и во тешки услови се обидуваат да ги извлечат и преостанатите тела од остатоците од автобусот. Бројот на жртвите се зголеми на 44 лица.
„Причината за несреќата ќе биде предмет на тековна истрага, но во моментов приоритет е да го утврдиме точниот број жртви и да ги извадиме сите", изјави Кумар.
Службеничката за справување со катастрофи, Дипеш Чандер Кала, за АА изјави дека автобусот превезувал 60 патници.
Индискиот премиер Нарендра Моди изрази сочувство до семејствата на загинатите.
„Моето најдлабоко сочувство до ужалените семејства. Се молам повредените да закрепнат што поскоро. Спасувачките акции се во тек, а властите ја пружаат сета можна помош на местото на несреќата“, напиша Моди на својот профил на Твитер.
Според извештајот на индиското Министерство за сообраќај на патиштата, кој беше објавен во 2017 година, во индиска хималајска држава Утараканд, во 2016 година има регистрирано 1.591 сообраќајна незгода.