Faisal Mahmud
06 Октомври 2026•Ажурирано: 06 Октомври 2026
Индонезија го засили здравствениот надзор на меѓународните влезни точки во земјата по извештаите дека лабораториски работник во Русија починал од пневмонија за која постои сомнеж дека е поврзана со чума, објави државната новинска агенција Антара, пренесува Анадолу.
Аџи Мухаварман, раководител на Бирото за комуникации и јавни информации при Министерството за здравство, изјави дека властите внимателно ги следат случувањата, истовремено зајакнувајќи ја подготвеноста на аеродромите и пристаништата.
Тој рече дека досега нема известување преку Националната контакт-точка за Меѓународните здравствени регулативи или преку Системот за информации за настани на Светската здравствена организација (СЗО) со кое се бара посебно ниво на претпазливост.
И покрај отсуството на меѓународно предупредување, властите ги засилиле контролите, вклучително и на меѓународните аеродроми и пристаништа на Бали, објави Антара.
Мерките вклучуваат здравствени декларации преку системот „SATUSEHAT Health Pass“, следење на патниците за симптоми, процена на ризикот на пловните објекти што пристинуваат и надзор над глодари и болви.
Патниците кај кои ќе се појават симптоми како треска, кашлица или отежнато дишење може да бидат упатени во определени болници за инфективни заболувања за изолација и лекување.
Мерките следуваат по смртта на 28-годишна вработена во Истражувачкиот институт за борба против чумата во Иркутск, во Сибир.
Руските власти соопштија дека таа починала од „пневмонија со непозната етиологија“ и дека тестирањата не откриле микроорганизми поврзани со нејзините професионални активности.
Според наводите, речиси 200 лица кои биле во контакт со неа се ставени под медицински надзор додека истрагата продолжува.