Eşref Musa,Burak Karacaoğlu
15 Август 2019•Ажурирај: 17 Август 2019
ИДЛИБ (АА) - Во интензивните воздушни напади врз населените места во границите на зоната за деескалација во Идлиб, извршени од страна на Асадовиот режим во Сирија и неговиот поддржувач Русија, смртно настрадаа 10 цивили, јавува Anadolu Agency (AA).
Продолжуваат копнените и воздушните напади на сирискиот режим, како и на неговите поддржувачи, во различни места во Сирија, како Кан Шејхун, Маратинуман, Бидама, Маритирме, Медаја, Кефер Зита, Латамине и Латмин.
„Од синоќа се интензивирани воздушните напади. Десет цивили загинаа во нападите на режимот и неговите поддржувачи“, истакна во изјава за АА, Мустафа Хаџ Јусуф, директор на Цивилната одбрана во Идлиб.
Според информациите добиени од Опсерваторијата за авиони при опозицијата, како и од изворите на Цивилната одбрана („Бели шлемови“), во вчерашните бомбардирања на руските воени авиони таргетиран бил еден здравствен центар во селото Маритирме во Идлиб. Во овој напад загинаа три лица, од кои еден вработен во Цивилната одбрана, и двајца здравствени работници.
- Состојбата во зоната за деескалација во Идлиб
Идлиб, кој се наоѓа во северозападниот дел на Сирија, речиси од почетокот на граѓанската војна е познат како кале на опозицијата. Центарот на Идлиб, чие население со внатрешната миграција достигна до 4 милиони, во март 2015 година влезе под контрола на опозицијата. Идлиб се наоѓа на чело на местата каде што режимот врши најинтензивни напади.
На состанокот во Астана одржан на 4 и 5 мај 2017 година, Турција, Русија и Иран го прогласија Идлиб и неговата околина за „зона за деескалација“. Турција и Русија постигнаа дополнителен договор откако силите на режимот често го прекршуваа примирјето.
Силите на режимот со поддршка на своите поддржувачи продолжуваат со нападите, и покрај Договорот потпишан на 17 септември 2018 година во рускиот град Сочи.
Нападите на режимот се зголемија за време на 12. Самит одржан меѓу Турција, Русија и Иран во казахстанскиот главен град Нурсултан, на 25 и 26 април, а нападите продолжуваат со ист интензитет.
Поради нападите кои Асадовиот режим и неговите поддржувачи ги извршија прекршувајќи го примирјето од 17 септември 2018 година, кога беше потпишан Договорот за Идлиб меѓу Турција и Русија, досега се раселија над 750.000 цивили.
Сириската мрежа за човекови права (SNHR) соопшти дека во нападите кои Асад и неговите поддржувачи ги реализираа во периодот од 26 април до 27 јули во зоната за деескалација во Идлиб, животот го загубија 781 цивил, од кои 208 деца и 140 жени.