Şahin Demir
28 Август 2026•Ажурирано: 28 Август 2026
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи изјави дека враќањето на дипломатијата со САД на вистинскиот пат „не е невозможно“, по разговорите со катарскиот премиер и министер за надворешни работи во Техеран, пренесува Анадолу.
Арагчи на американската социјална мрежа X наведе дека со катарскиот министер за надворешни работи, шеикот Мухамед бин Абдулрахман бин Џасим ал Тани, водел „креативни разговори“.
„Враќањето на дипломатијата на вистинскиот пат не е невозможно. Тоа зависи од разбирањето на САД на еден едноставен факт: притисокот не функционира“, рече тој.
„САД треба да изградат доверба, да зборуваат со почит, да ги признаат нашите права и да ги почитуваат преземените обврски“, додаде иранскиот министер за надворешни работи.
Шеик Мухамед вчера го посети Техеран, додека Доха продолжува со дипломатските напори за деескалација на тензиите меѓу Иран и САД.
За време на посетата, тој разговараше со иранскиот претседател Масуд Пезешкијан, Арагчи, претседателот на Парламентот, Мухамад Багер Калибаф и секретарот на Врховниот совет за национална безбедност на Иран, Мохсен Резаи.
Разговорите ги опфатија напорите за создавање услови за продолжување на дијалогот, како и предлогот за привремен заеднички пловен коридор низ Ормускиот Проток и напорите за отстранување на мините.
Посетата беше прва посета на катарскиот министер за надворешни работи на Иран откако конфликтот започна со американски и израелски напади кон крајот на февруари.