İlayda Çakırtekin
21 Мај 2026•Ажурирај: 21 Мај 2026
Италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани денес изјави дека Израел нема право да ги понижува притворените активисти, по објавувањето на видеото на кое се гледа третманот на активистите од хуманитарната глобална флотила „Сумуд“ од страна на израелските власти, пренесува Анадолу.
„Згрозен сум. Израел има право да се брани, но нема право да ги понижува притворените активисти, бескрајно немоќните луѓе што не извршиле никакви насилни дејства и не се терористи“, изјави Тајани за весникот „Авенире“.
Тој укажа на разликата меѓу одржувањето на поморската блокада и „доведувањето во прашање на достоинството и безбедноста на луѓето“.
Тајани додаде дека Италија бара објаснување од израелската Влада откако министерот за национална безбедност Итамар Бен-Гвир објави видео на социјалните мрежи на кое се гледа како ги исмева пропалестинските активисти, кои беа врзани со пластични стеги и принудени да клечат откако беа приведени од израелските сили во меѓународни води.
„За нас, ’црвената линија‘ е премината. Верувам дека на нашите израелски колеги мора да им се стави јасно до знаење дека ваквите инциденти ја продлабочуваат изолацијата на Израел, дури и меѓу неговите најблиски пријатели“, рече тој.
Потврди дека Италија ќе го оцени својот политички став и ќе разгледа какви мерки треба да се преземат на европско ниво.
„Дури и оние што не се согласуваат со кампањите на флотилата или ги сметаат за провокативни, не може да толерираат невооружени граѓани да бидат третирани на овој начин“, додаде Тајани.
Тој, исто така, го повтори повикот на Италија за итна репатријација на приведените, нагласувајќи дека санкциите остануваат како можност.