Elena Trenchevska Chekovic
08 Септември 2026•Ажурирано: 08 Септември 2026
Јавното величење на осуден воен злосторник во Белград претставува навреда за сеќавањето на жртвите, нивните семејства и сите оние кои страдаа за време на конфликтите на Западен Балкан, истакна шефицата за надворешна политика на Европската Унија (ЕУ), Каја Калас, пренесува Анадолу.
„Вистинското помирување не може да се гради врз ревизионизам, негирање на геноцид или величење на сторителите“, наведува Калас во реакцијата по повод погребот на Ратко Младиќ во Белград, објавена на американската платформа на социјални мрежи Х.
Во неа нагласува дека патот на Србија кон Европската Унија бара недвосмислена посветеност на основните европски вредности и историската вистина.
„Во Европа нема место за величење на воени злосторници“, порача Калас во реакцијата.
Младиќ беше закопан вчера во Белград со воени почести. Неколку илјади луѓе се собраа пред црквата Свети Лука во Белград за да му оддадат почит, меѓу кои и одредени српски министри и бројни други претставници на власта и опозицијата.
Ратко Младиќ беше правосилно осуден на доживотен затвор во јуни 2021 година со конечна и обврзувачка пресуда за геноцидот во Сребреница, прогонот на Бошњаците и Хрватите, тероризирањето на населението во Сараево и земањето на припадници на УНПРОФОР како заложници. Тој почина на 27 август во притворската единица на Меѓународниот резидуален механизам за кривични трибунали (ММКС) во Хаг, каде што отслужуваше доживотна казна затвор.