Ekip
30 Март 2018•Ажурирај: 01 Април 2018
ЛОС АНЏЕЛЕС (АА) - Судијата на Високиот суд во Лос Анџелес, во американската сојузна држава Калифорнија, донесе одлука дека компаниите во индустријата за кафе на амбалажите на своите производи мораат да имаат предупредување на опасност од рак, поради хемикалиите кои се произведуваат во процесот на пржење, пренесува Anadolu Agency (AA).
Судијата Елих Берле во средата соопшти дека продажниот ланец на кафе „Starbucks" (Старбакс) и останатите компании не успеале да докажат дека користа од консумирањето кафе е поголема од евентуалните ризици.
Во прелиминарната судска постапка пресуди дека компаниите не докажале дека опасноста од ослободувањето на хемикалиите е незначителна.
Советот за образование и истражување на токсини, непрофитна организација, ги тужеше „Starbucks" и останатите 90 компании врз основа на државниот закон кој налага истакнување на предупредување на широк спектар на хемикалии кои можат да предизвикаат рак. Една од нив е акриламид, карциноген кој е присутен во кафето.
„Обвинетите не успеаја да докажат дека потрошувачката му користи на човековото здравје“, наведе калифорнискиот судија.
Кафе индустријата тврди дека присуството на хемикалиите е на безопасно ниво и дека треба да биде исклучена од законот бидејќи настанува природно од процесот на варење кој го дава вкусот на кафето.
Исто така тврди дека консумирањето на кафе е добро за телото.
Одлуката е донесена и покрај намалената загриженост за можните ризици од кафе во последните неколку години, кога е објавено истражување за користа од напитокот по здравјето.
Меѓународната агенција за истражување на рак, која дејствува во рамките на Светската здравствена организација во 2016 година го отстрани кафето од листата на потенцијално канцерогени материи.