Zeynep Katre Oran
18 Август 2023•Ажурирај: 19 Август 2023
АНКАРА (АА) - Настанати се проблеми во летовите за евакуација што започнаа откако тековните шумски пожари во канадската територија Северозападни Територии се приближија до градот Јелоунајф, пренесува Анадолу.
Според веста на „Би-би-си“, пожарите што се на околу 15 километри северозападно од Јелоунајф, се очекува до утре да стигнат до градот.
Шумските пожари во Северозападните Територии се движат кон Јелоунајф, каде што живеат околу 20.000 луѓе, додека жителите на градот кои беа предупредени да го напуштат ова подрачје, се соочуваат со потешкотии за време на летовите за евакуација.
На оние кои чекаа во редици со часови на дождот им било кажано да се вратат, со образложение дека нема простор во авионите, додека двете големи авиокомпании во земјата, „Ер Канада“ и „Вестџет“, исто така беа во фокусот на критиките поради „зголемените цени на авионските карти“.
Ејми Кенеди, владин функционер, рече дека до пладне по локално време може да се примат најмногу уште 400 луѓе на летовите за евакуација од Јелоунајф.
„Сфаќаме дека ова е крајно фрустрирачко за оние кои чекаат во редици со часови и ќе мора повторно утре да чекаат ред“, рече Кенеди.
Меѓу другото, Џенифер Јанг, директорка за корпоративни работи на Департманот за општински и општествени работи на Северозападните Територии, рече дека вчера 10 авиони го напуштиле Јелоунајф со 1.500 патници, изразувајќи надеж дека 22 авиони со 1.800 патници ќе полетаат денеска и дека летовите ќе продолжат и утре.
- Авиокомпаниите критикувани за „зголемување на цените на авионските карти“
Граѓаните ги обвинија „Ер Канада“ и „Вестџет“ за „зголемување на цените на картите за надвор од градот и наплата на цена за презакажување на летови до Јелоунајф“.
Портпаролот на „Ер Канада“ за „Си-би-си њуз“ изјави: „Летовите се ограничени поради пожарите и компанијата ги откажа летовите закажани за утре.“
„Вестџет“, исто така, соопшти дека ги приспособиле цените со цел да се избегне „зголемување на цената“ и се откажале од плаќањата за презакажување на летови кон Јелоунајф.
- Евакуациите почнаа вчера
Поради тековните шумски пожари што се приближуваат до градот Јелоунајф, вчера започна евакуацијата на жителите од регионот.
Укажувајќи дека 4 населби во Јелоунајф се изложени на висок ризик, властите ги предупредија жителите на градот да се евакуираат од овие области до попладнево.
Претходно беше соопштено дека оние кои не можат да се евакуираат по копно или кои се во високоризичната група поради здравствени проблеми, ќе бидат упатени на евакуација со авион.
Се истакнува дека заклучно со 16 август, 1.067 шумски пожари продолжуваат во Канада, и дека оваа година во земјата изгорела површина од 21.000 квадратни километри.