Seyit Aydoğan
08 Јуни 2021•Ажурирај: 09 Јуни 2021
ТОРОНТО (АА) - Растат реакциите за убиството на муслиманското семејство што беше прегазено со автомобил во канадскиот град Лондон, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Водечките политичари во земјата, на чело со канадскиот премиер Џастин Трудо, дадоа изјави со кои го осудија настанот.
Трудо на своите профили на социјалните мрежи истакна дека е згрозен откако ја слушнал веста за нападот.
„Ние сме тука за најблиските на оние што се тероризирани од овој чин на омраза. Ние сме тука и за повреденото дете кое е хоспитализирано. Нашите срца се со вас и ќе бидете во нашите мисли. Муслимани во Лондон и муслимани низ целата земја, сакам да знаете дека сме со вас. Исламофобијата нема место во нашето општество. Оваа омраза е подмолна, презирна и мора да престане.“
- „Ваквиот исламофобичен терористички акт нема место во Канада“ -
Ерин О'Тул, лидерот на најголемата опозициска Конзервативна партија, исто така го опиша инцидентот како терористички напад.
О’Тул на својот профил на социјалните мрежи напиша: „Убиството на семејството поради неговите муслимански убедувања е ужасно и срцепарателно. Овој вид подла и крајна омраза треба да се осуди. Ваков исламофобичен терористички акт нема место во Канада. Ние сме со муслиманската заедница.“
Џагмит Синг, лидерот на Новата демократската партија, една од федералните опозициски партии, рече: „Вестите што пристигнаа се застрашувачки. Муслиманско семејство излезе на прошетка и е убиено поради своите верувања. Ова е чин на исламофобија и тероризам. Муслимански семејства, наши пријатели и соседи, ние мора да застанеме против оваа подла омраза, повеќе од кога било.“
Сабур Кан, претседател на Здружението на муслимани во Лондон, во изјавата за официјалниот радиодифузер „Си-би-ес“ (CBC) рече: „Јас сум уништен. Се плашам за нашите деца, се плашам за мојата заедница, се плашам за секој што носи марама, за секој што се облекува како традиционален муслиман. Ова е терористички чин и навистина ја тероризираше нашата заедница.“
Од друга страна, вечерва ќе се одржи комеморативна церемонија за четиричленото семејство.
Натанаил Велтман (20), на 6 јуни со своето возило ги прегази пешаците на тротоарот, во градот Лондон, Канада, и уби 4 лица од исто семејство, вклучително и 15-годишно девојче, а сериозно повреди 9-годишно момче.
Велтман е фатен и приведен на Авенијата „Черихил“, на околу 6 километри од местото каде што се случил инцидентот.