Cüneyt Karadağ, Erbil Başay
22 Септември 2021•Ажурирај: 23 Септември 2021
БЕРЛИН
Претседателот на Христијанско-демократската унија (CDU) и кандидат за канцелар на Германија пред конзервативниот блок ЦДУ/ЦСУ (CDU/CSU), Армин Лашет, рече дека во случај на победа на изборите, ќе работи на повторно интензивирање на односите меѓу Германија и Турција, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во разговор со новинарот на АА тој посочи дека е свесен за важноста на односите со Турција, која е членка на НАТО и која соработува со Европа на многу полиња.
„Се надевам дека како нов канцелар и пријател на Турција, ќе можам да работам на повторно зајакнување на нашите билатерални односи. Тоа е она што треба да го направиме“, рече Лашет.
Лашет посочи дека придава големо значење на надворешната политика и дека е разочаран што среде предизборна кампања ниту еднаш не е запрашан за надворешнополитичките и безбедносните прашања на телевизиските настапи.
Тој, исто така, нагласи дека во случај на избор за канцелар, тој првенствено ќе работи на закрепнување на економијата од последиците од пандемијата на Ковид-19.
„Ќе работам на продолжување на модернизацијата на државата, односно на дигитализацијата, иновативните иницијативи, обновливите извори на енергија и борбата против климатските промени“, рече Лашет.
Коментирајќи ја кризата во Авганистан, Лашет посочи дека е забележано големо фијаско во таа земја и дека е неопходно сите земји да придонесат за стабилизација на односите во светот.
Лашет понатаму рече дека негова цел е германското општество да ги разбере сите потенцијали на мигрантите и да работи заедно за да се искорени дискриминацијата и да се зајакне културата на соживот.
Парламентарните избори во Германија ќе се одржат на 26 септември, а канцеларката Ангела Меркел ќе се повлече од функцијата по 16 години.
Социјалдемократската партија (SPD) го предложи министерот за финансии, Олаф Шолц, за канцелар на Германија, а кандидатката за наследничка на канцеларката Меркел е лидерката на Партијата на зелените, Аналена Баербок.
Кандидатот на ЦДУ/ЦСУ, Лашет, е премиер на најнаселената германска провинција Северна Рајна-Вестфалија. Познат е како умерен политичар кој во текот на својата политичка кариера изгради добри односи со турските доселеници.
За време на изборната кампања, Лашет вети дека нема да воведе зголемување на даноците, но дека ќе продолжи да ги зголемува инвестициите и приоритетно ќе работи на прашањата за безбедноста, борбата против климатските промени и зајакнувањето на семејството. Се очекува тој да ја продолжи политиката на канцеларката Меркел во заминување.