Islam Uddin
29 Мај 2026•Ажурирано: 29 Мај 2026
Кина денес ги советуваше своите граѓани да бидат внимателни кога патуваат во Демократска Република Конго, наведувајќи ја како причина епидемијата на вирусот ебола, јавува Анадолу.
Според Светската здравствена организација, во оваа централноафриканска држава досега се забележани речиси 1.000 потенцијални случаи на заразени со ебола и повеќе од 220 смртни случаи за кои се сомнева дека се предизвикани од вирусот.
Министерството за надворешни работи ги повика граѓаните да избегнуваат патувања во земјата доколку немаат итна потреба, а на оние кои веќе се наоѓаат во Конго и во соседните држави им советуваше да не ги посетуваат регионите погодени од ебола, вклучувајќи ги провинциите Итури и Северно Киву.
Во соопштението исто така се предупредува да се избегнува контакт со диви животни и со лица за кои постои сомневање дека се заразени со ебола.
Кинеските државјани кои имаат симптоми како треска, повраќање, дијареја, абдоминална болка или крвавење, беа повикани веднаш да побараат лекарска помош или да контактираат со кинеските медицински тимови за поддршка.
Предупредувањето доаѓа во време на се поголема меѓународна загриженост поради ширењето на оваа болест во делови од Централна Африка.
Од 15 мај, кога официјално беше прогласена епидемијата, вкупната бројка на потенцијално заразени со ебола достигна 1.077 лица. Од нив, во 121 случај вирусот е веќе лабораториски потврден, а регистрирани се и 17 смртни случаи.
Светската здравствена организација (СЗО) го подигна нивото на тревога на „многу високо“, а неколку земји кои граничат со Конго ги засилија мерките за спречување на ширењето на вирусот, вклучувајќи го и ограничувањето на патувањата од Конго.