Saadet Gökce
08 Јуни 2026•Ажурирано: 08 Јуни 2026
Кина денес изрази длабока загриженост поради зголемените тензии на Блискиот Исток, повикувајќи ги страните да останат посветени на актуелниот прекин на огнот, јавува Анадолу.
Пекинг е „длабоко загрижен поради моментната ситуација. Уште една битка не е во интерес на ниедна страна”, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Лин Џиан, на прес-конференцијата во Пекинг.
„Се надеваме дека засегнатите страни ќе ја почитуваат својата обврска за прекин на огнот, ќе го задржат импулсот на преговорите, ќе останат посветени на решавањето на споровите преку дипломатски и политички канали и ќе ги создадат неопходните услови за обновување на регионалниот мир и стабилност на Блискиот Исток и во регионот на Персискиот Залив“, додаде тој.
Изјавите на Лин доаѓаат откако Иран доцна вчера изврши неколку ракетни напади насочени кон Северен Израел, како одговор на израелскиот воздушен напад врз јужните предградија на Бејрут, за кој Тел Авив тврди дека бил насочен кон центар за команда и планирање на Хезболах.
Од друга страна, индиската амбасада во Техеран упати апел до сите индиски државјани да избегнуваат патување кон Иран и на оние што веќе се во земјата им препорача да заминат, се вели во соопштението.
Кинеската амбасада, исто така, ги предупреди кинеските граѓани да се информираат, да ги следат официјалните упатства, да избегнуваат локации од чувствителен карактер, да ги ограничат непотребните патувања и веднаш да побараат засолниште при сирени за воздушен напад или официјални предупредувања.
Според првичните информации, во израелскиот напад се убиени две лица, а 11 се повредени.
Иранскиот напад e прво бомбардирање по кревкиот договор за прекин на огнот на почетокот на април.
Привремениот договор за прекин на огнот со посредство на Пакистан беше постигнат на 8 април, но подоцна преговорите беа прекинати поради споровите околу неговото спроведување и последователните регионални случувања.