Fuat Kabakcı
24 Јануари 2019•Ажурирај: 24 Јануари 2019
ПЕКИНГ (АА) - Властите на Кина порачаа дека остро се противат на странските интервенции во Венецуела, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Хуа Чинјинг, денес во Пекинг изјави дека Кина го поддржува суверенитетот и независноста на Венецуела и сите настојувања кои оваа власт ги спроведува во правец на зачувување на мирот и стабилноста.
Таа изјави дека официјален Пекинг внимателно ја следи ситуацијата во Венецуела и ги повика сите страни во оваа латиноамериканска земја на разумно и рационално дејствување.
„Секогаш сме против странските мешања во внатрешните работи на државите“, порача Хуа, и додаде дека дијалогот е единствен начин на решавање на кризата и избегнување на ескалација на судирите.
Венецуела е средиште на масовни протести кои ги предводи опозицијата која има мнозинство во Парламентот на оваа земја.
Американскиот претседател Доналд Трамп ја поддржа венецуелската опозиција и нејзиниот лидер Хуан Гуаидо, кој се прогласи за привремен шеф на државата.
Протестите во Венецуела започнаа на 10 јануари, кога Мадуро положи заклетва за неговиот втор мандат на функцијата шеф на државата.
Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, синоќа соопшти дека ги прекинува дипломатските односи со САД и даде рок на американските дипломати за 72 часа да ја напуштат земјата.
Заедно со САД, опозицијата на Венецуела во преземањето на власта ја поддржаа и Бразил, Организацијата на американски земји, Аргентина, Канада, Чиле, Колумбија, Костарика, Еквадор, Гватемала, Панама и Парагвај, додека Боливија и Мексико продолжуваат да го поддржуваат Мадуро.
И властите на Русија утринава ги обвинија западните земји за мешање во внатрешните работи на Венецуела. Во реакцијата од Москва се наведува дека прогресивното однесување на Западот е закана за меѓународниот поредок.