Riyaz Khaliq Khaliq
28 Август 2026•Ажурирано: 28 Август 2026
Кина денес соопшти дека уривањето на глечер на голема надморска височина во Непал можно е да ја предизвикало катастрофата од другата страна на границата, во која загинаа најмалку 480 лица, додека претседателот Си Ѓинпинг ги повика надлежните да вложат „максимални напори“ во потрагата по сите исчезнати кинески и странски државјани, јавува Анадолу.
„Истакнавме дека експерти и официјални институции на Кина и Непал извршија прелиминарна проценка за причините за катастрофата“, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи, Лин Џијан, за новинарите во Пекинг, одговарајќи на прашање за поројните поплави што рано во средата ги погодија северниот и централниот дел на Непал, како и јужниот тибетски регион на Кина.
Поплавите и свлечиштата ги погодија северниот и централниот дел на Непал рано во средата, уништувајќи населби во должина на реките Ботекоши и Тришули и носејќи луѓе и отпад по течението.
На кинеската страна на границата, калливи свлечишта го погодија округот Џиронг во југозападниот автономен регион Шизанг, познат и како Тибет.
„Катастрофата можно е да е предизвикана од уривање на глечер на голема надморска височина во Непал“, рече Лин.
Соопштението од Пекинг дојде откако бројот на загинати во разорните поројни поплави се искачи над 480, додека повеќе од 1.200 лица, од кои најголем дел се странски државјани, сè уште се водат како исчезнати.
- Попушта преградата на езерото формирано од надојдениот материјал од поплавите -
Весникот „Катманду пост“ објави дека денеска се појавиле нови стравувања откако вештачкото езеро што се формираше од природна преграда за време на поплавите наводно се попушта, што отвора опасност од нов воден бран во реката Ботекоши во Непал.
Двете реки се спојуваат пред да влезат во Непал, каде што реката е позната како Ботекоши, главна притока на реката Тришули.
„Добивме информации дека езерото на кинеската страна се пробило. Затоа се вршат подготовки за испраќање хеликоптери стационирани во Дунче и Расува за извидување“, изјави спасувачки претставник на Меѓународниот аеродром „Трибхуван“ во Непал.
Националната управа на Непал за намалување и управување со ризици од катастрофи соопшти дека нивото на водата во реката Ботекоши нагло се зголемило, предупредувајќи на можност од дополнителни поплави.
Сепак, непалската министерка за образование, Сасмита Покарел, изјави дека „нема непосреден голем ризик“, според порталот „Онлајн Кабар“.
Министерството за надворешни работи во Катманду соопшти дека 596 лица од 33 земји сè уште се водат како исчезнати.
Според Непалскиот туристички одбор, исчезнати се уште 127 непалски државјани.
Кина соопшти дека 558 лица, меѓу кои и 260 странци, сè уште се водат како исчезнати во Тибет, додека продолжуваат операциите за пребарување и спасување.
Податоците објавени од Непал и Кина покажуваат дека околу 1.281 лице, меѓу кои 856 странски државјани, сè уште се водат како исчезнати.
Лин рече дека се проверуваат деталите за исчезнатите странски државјани и дека Пекинг „веќе ги известил амбасадите на релевантните земји“.
Лидерите на владејачката Комунистичка партија на Кина денес одржаа состанок во Пекинг под претседателство на Си Џинпинг и нагласија дека „сите релевантни власти и институции мора да преземат решителни и ефикасни мерки за активностите поврзани со спасувањето“.
„Кина ќе обезбеди итна помош за подрачјата погодени од катастрофата во Непал и ќе спроведе меѓународна спасувачка соработка“, се наведува во соопштението од состанокот, јави кинеската државна новинска агенција „Синхуа“.
Во средата, нагло зголемениот водостој предизвика поплави на реката Ботекоши во Расува, северен Непал, додека буиците и свлечиштата ги зафатија местата Тимуре и Сјафрубеси, предизвикувајќи големи опустошувања пред водата да се спушти надолу кон реката Тришули.