Riyaz Khaliq Khaliq
16 Септември 2026•Ажурирано: 16 Септември 2026
Кинескиот министер за одбрана Донг Џун денес ја истакна потребата од „консензус“ и „дејствување“ во управувањето со глобалната безбедност, повикувајќи на соработка во областа на вештачката интелигенција и вселената, пренесува Анадолу.
Сепак, Донг не ги спомена Тајван или спорното Јужно Кинеско Море во своето обраќање на 13. Пекиншки форум „Сјангшан“, што започна во кинеската престолнина еден ден претходно.
„Во глобалното управување со безбедноста, дејствувањето е клучно, а резултатите се крајната мерка“, изјави Донг, пренесе ЦГТН.
„Сега светот минува низ забрзани промени какви што не се видени цел век, а меѓународната безбедност се наоѓа во кревка пресвртница“, истакна Донг, нагласувајќи ја потребата од „заеднички напори за постигнување консензус преку нова визија за безбедноста и зачувување на стабилноста преку мултилатерализам“.
Оваа година се одбележуваат 20 години од основањето на форумот, кој се одржува под мотото „Да изградиме консензус за стабилноста, заеднички да го унапредиме управувањето со безбедноста“.
На тридневниот собир присуствуваат околу 2.000 официјални претставници, научници, експерти и набљудувачи од околу 100 земји, региони и меѓународни организации.
Повикувајќи ја меѓународната заедница „цврсто да се спротивстави на дејствата што вклучуваат создавање ексклузивни блокови и продлабочување на тензиите“, Донг истовремено ја поддржа соработката во областите на вештачката интелигенција, вселената и длабокото море, со цел новите технологии „подобро да му користат на целото човештво“, објави весникот „Саут Чајна морнинг пост“.
Предупредувајќи против „размислувањето во кое едната страна добива само ако другата изгуби“, Донг повика на претпазливост во однос на „хегемонизмот“, како и на „милитаризмот“.
Тој истакна дека мултилатерализмот мора да се зачува во „турбулентен“ свет, опишувајќи го како „суштински“ за заштита на целокупната глобална стратегиска стабилност.
Повикувајќи ги големите сили да ги преземат своите одговорности, тој рече дека „клучот“ за управувањето со безбедноста е намалувањето на развојниот јаз, додавајќи дека „развојот е најголемата гаранција за безбедноста“ на земјите од Глобалниот Југ.
„Ништо на светот не е тешко, сè додека сме подготвени да се искачиме“, рече Донг, додавајќи дека кинеската војска е подготвена да го „сподели своето искуство во изградбата и управувањето со Армијата и да помогне во рамките на своите можности“.