Melike Pala
03 Август 2026•Ажурирано: 03 Август 2026
Шумскиот пожар што избувна на 31 јули во близина на заедниците Псата и Порто Гермено, западно од Атина, зафатил повеќе од 10.000 хектари во западниот дел на областа Атика, соопшти денес климатската служба на Европската Унија „Коперникус“, јавува Анадолу.
Пожарот предизвика голема интервенција во која беа ангажирани стотици пожарникари, авиони и хеликоптери, додека екипите и натаму работат на негово локализирање.
Надлежните власти наредија евакуација во неколку населени места, а противпожарната служба соопшти дека повеќе од 100 куќи биле уништени или оштетени.
Сателитска снимка направена на 2 август од сателитот „Сентинел-2“ на програмата „Коперникус“ покажува голема опожарена површина долж северниот брег на Коринтскиот Залив.
На снимката опожарената област е видлива во црвенокафеава боја, додека густ чад се протега повеќе од 70 километри југоисточно, преку Саронскиот Залив.
Во меѓувреме, Светскиот фонд за природата (ВВФ) предупреди дека Јужна Европа влегува во, како што ја нарече, „трајна криза со шумски пожари“, повикувајќи ја Европската Унија да ги зајакне климатските и еколошките политики.
„Додека катастрофалните шумски пожари ја зафаќаат Јужна Европа, ВВФ предупредува дека Европската Унија несвесно се движи кон трајна криза со шумски пожари, а истовремено ги ослабува клучните механизми за заштита на животната средина, кои ги штитат луѓето, економијата и природата од последиците на климатските промени“, се наведува во соопштението на организацијата.
Според ВВФ, од почетокот на годинава во Европската Унија изгореле повеќе од 460.000 хектари, што е значително над историскиот просек.
Организацијата се повика на најнови научни истражувања, според кои климатските промени ја направиле појавата на екстремни услови за пожари најмалку двапати поверојатна во Франција и најмалку 20 пати поверојатна во Шпанија.
Европа гори“, изјави Анке Шулмајстер-Олденхове, раководителката за шуми при Европската канцеларија за политики на ВВФ, повикувајќи ги носителите на одлуки да ги зајакнат законите за климата и заштитата на природата со цел да се спречат идни катастрофи, наместо да ги ослабуваат постојните еколошки мерки.