Ekip
04 Јуни 2026•Ажурирано: 04 Јуни 2026
Компанијата за развој и градежништво „Ум ал Кура“, која е сопственик и оператор на проектот „Масар дестинација“, ги објави плановите за изградба на нов комплекс наречен „Масар гарденс“. Ова ќе ѝ биде втор голем проект во Мека, Саудиска Арабија, а цел е проширување и збогатување на нивното портфолио со урбани дестинации, јавува Анадолу.
Компанијата соопшти дека „Масар гарденс“ ќе биде продолжение на проектот „Масар дестинација“. Новиот комплекс ќе понуди дополнително урбано искуство со модерен дизајн, јавни површини и висококвалитетно уредување на просторот, наменети за жителите и за посетителите.
Проектот е дел од петгодишната стратегија на „Ум ал Кура“ за реализација на разновидно портфолио со урбани дестинации привлечни за инвеститори во западниот регион на Саудиска Арабија, движејќи се подалеку од еден единствен водечки проект.
Јасер Абуатек, генерален директор на „Ум ал Кура“, рече дека изградбата означува клучен чекор во напорите на компанијата да ги прошири своето портфолио и влијание во секторот на урбани дестинации.
Изградбата на новиот комплекс е клучен чекор во развојот на компанијата за да ги направи своите проекти поразновидни и да го зголеми влијанието во изградбата на урбани средини, изјави Абуатек.
Тој додаде дека целта на проектот е да се создаде атмосфера каде што луѓето ќе бидат поврзани како заедница, но притоа да се зачуваат традицијата и уникатниот дух на местото.
Проектот „Масар гарденс“ се развива преку стратегиско партнерство меѓу три компании. „Ум ал Кура“ ќе има улога на лидер и главен менаџер на целиот проект. Градежната компанија „Мека констракшн“ ќе биде финансиски партнер и ќе ги исплати во готовина сопствениците на земјиштето што ќе се користи за проектот. Компанијата за недвижности „Ал Раџи Унион“ ќе биде технички партнер, односно ќе ги изведе градежните работи и ќе ги покрие трошоците за тоа, а за возврат ќе добие сопственички удели (акции) во инвестицискиот фонд на проектот.
Сите овие детали дополнително ќе се прецизираат со конечните договори.
Проектот ќе биде пуштан етапно, преку интегрирани развојни фази усогласени со целите за одржлив урбан развој.
Комплексот ќе зафати вкупно површина од околу 1,2 милиони квадратни метри, од кои 841.000 м² во Западна Хиндавија и 308.000 м² во Јужна Хиндавија.
Урбаниот комплекс со разновидна намена има почетна проценета вредност од околу 6 милијарди саудиски ријали (приближно 1,6 милиони долари), кои се наменети за инфраструктура и земјиште, а предвидениот рок за изградба е до пет години.
Според компанијата, „Масар гарденс“ е дизајниран како ексклузивна, поврзана и одржлива дестинација. Проектот ќе опфати повеќе од 140.000 квадратни метри зелени површини, патна мрежа, комплетна инфраструктура, јавни служби, пешачки патеки во должина од над 8 километри и велосипедска патека од 17 километри.
Првата фаза ќе биде фокусирана на изградба на инфраструктурата, јавните објекти, отворените простори и подготовка на неколку парцели за комбинирана намена.
Во следните фази ќе се комплетираат другите делови, кои вклучуваат станбени, комерцијални и угостителски објекти, како и дополнителни јавни установи.
Од „Ум ал Кура“ изјавија дека целта на проектот е да создаде интегрирана урбана дестинација што на едно место ги спојува живеењето, работењето, одморот и угостителството.
Со ова ќе се подигне квалитетот на животот, ќе се овозможи модерна мобилност и ќе се обезбеди долгорочна економска и социјална одржливост во Мека.