КУДС (АА) - ТУРГУТ АЛП БОЈАЗ - Кудс, кој пред сто години беше окупиран од страна на Британците, сега минува низ еден од најтешките периоди во својата историја. Имено, американскиот претседател Доналд Трамп, во средата, 6 декември, донесе одлука да го признае Кудс за главен град на Израел, што предизвика остри реакции низ целиот свет, пишува Аnadolu Agency (AA).
Од средата, во нападите на израелските сили загинаа четворица Палестинци, а 1.487 се ранети. Освен тоа, на Западниот Брег и во Источен Кудс се приведени над 150 Палестинци.

Улиците во Кудс, град со долгогодишна историја, никогаш не изгледале толку напуштено како што е случајот денес. Всушност, влезот во Кудс, поради ѕидовите што го опкружуваат градот, е невозможен за речиси три милиони Палестинци кои живеат на Западниот Брег. Истиот проблем го имаат и два милиона Палестинци кои живеат во Појасот Газа.
- За милиони Палестинци враќањето во Кудс е само сон -
Пет милиони палестински бегалци ширум светот немаат можност да го исполнат својот најголем сон, да се вратат во Кудс.
Бројот на Палестинци кои денес живеат во Источен Кудс едвај надминува 300.000. Тие се соочуваат и со низа опасности и закани, а загубата на домот и апсењата се само некои од нив. Одлуката на Трамп само го зголеми бесот и разочарувањето на населението во градот.
Оние кои живеат во овој град, може да ги слушнат сеќавањата на постарите кои се врзуваат до 1967 година, кога Израел го окупира Источен Кудс.
„Претходно жителите од Појасот Газа во Кудс би носеле јагоди за продавање, жителите на Хеброн грозје, жителите на Тулкарем портокали. Кудс беше место за средби на сите Палестинци. Особено во петок кај Портата на Дамаск, една од главните влезови на овој антички град опкружен со ѕидини, можеа да се сретнат Палестинци од сите краеви на земјата. А денес и оние на кои им е дозволено да останат избегнуваат собири кај Портата на Дамаск. Дури и продавниците се затвораат пред самрак. Окупаторските војници на секој агол чекаат подготвени“, се зборови кои често може да се слушнат од постарите.
Всушност, овие реченици јасно ја опишуваат ситуацијата во која се наоѓа Кудс.
А како започна процесот што го доведе Кудс во оваа состојба? -
Всушност, британската војска предводена од генерал Едмунд Аленби го зазеде Кудс во 1917 година, а со завршувањето на османлиското владеење во Палестина отворен е патот за реализација на ционистичкиот план за поставувањеto темели на еврејската држава. Истата година е објавена и Балфоровата декларација со која е предвидено формирање на таа држава.
По завршувањето на британскиот мандат над Палестина, Давид Бен Гурион на 14 мај 1948 година, прогласи дека е формирана државата Израел. Палестинците овој ден го нарекуваат Накба и го одбележуваат како почеток на катастрофата која трае, односно почетокот на систематскиот прогон во кој се протерани речиси еден милион Палестинци.
Западен Кудс премина под управа на Израел. Израел во шестдневната војна во 1967 година го окупираше Источен Кудс.
Токму статусот на Источен Кудс е една од најголемите пречки за решавање на израелско-палестинското прашање. Генералното собрание на Обединетите нации на 29 ноември 1947 година ја усвои резолуцијата со која се предвидува поделба на палестинските територии на палестинска и еврејска држава. Според Планот за поделба на ОН од 1947 година, историското подрачје на Палестина да се подели меѓу еврејската и арапската држава, на Кудс му е даден посебен статус и требаше да биде ставен под меѓународен суверенитет и контрола.
- Кудс, светиот град на трите монотеистички религии -
Причината за овој специјален статус е токму тоа што Кудс е свет град за трите големи религии.
Сепак, Израел го прогласи Кудс за главен град во 1980 година. Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) со резолуцијата 478 прогласувањето го прогласи за ништовно.
До минатата среда ниту една земја на Исток или Запад не го признаваше Кудс како главен град на Израел, сѐ до одлуката на Трамп.
Амбасадите на сите земји што го признаваат Израел се сместени во Тел Авив. Сепак, во согласност со одлуката на американскиот претседател Трамп, американската амбасада ќе биде преместена во Кудс.
Од друга страна, во Источен Кудс живеат повеќе од 200.000 еврејски доселеници чии населби се сметаат за нелегални и во спротивност со меѓународното право.
Исто така, над 300.000 Палестинци кои живеат во Источен Кудс немаат државјанство над ниедна земја, а речиси половина милион од нив живеат во страв дека секој ден може да бидат протерани од градот.
Исто така, на Палестинците не им е дозволено да се градат куќи во Источен Кудс, поради што се принудени да го напуштаат градот, а доколку тоа го сторат забрането им е враќањето. Ако еден од членовите на семејството се најде на израелскиот список на терористи, како што се нарекува учеството во нападите, тоа е причината поради која целото семејство се протерува од Кудс.
Според податоците на организацијата за човекови права „B’Tselem“ (Б'Тселем), Израел од 1967 година ја укина дозволата за престој на 14.000 Палестинци поради што тие се протерани од Источен Кудс.
Наспроти тоа, Израел ги поттикнува евреите во сите делови на светот да дојдат во Израел, а со тоа и во Источен Кудс и да се населат каде што сакаат, како и на добивање државјанство.
- Во Источен Кудс живеат 200.000 илегални еврејски доселеници -
Иако проектите за изградба на еврејски населби во Источен Кудс се сметаат за нелегални, Израел од 1967 година за таа година изгради низа населби. Само во Источен Кудс во нелегалните населби живеат над 200.000 еврејски доселеници.
Населбите се под високи безбедносни мерки од страна на полицијата и војската, а влезот во нив е забранет за сите, освен за евреите.
Минатиот месец, израелската администрација донесе одлука за изградба на 15.000 нови станбени единици за еврејските доселеници во Источен Кудс.
Телевизијата „Канал 2“ претходно јави дека израелската администрација на станбените единици за еврејските доселеници во Источен Кудс и на Западниот Брег потрошила околу 20 милијарди долари.
Од друга страна, за Палестинците речиси е невозможно да добијат дозвола за градба. Во градот има околу 20.000 „бесправно изградени куќи“ на Палестинци кои може да бидат срушени секој момент. Тимовите на градската управа одвреме-навреме организираат рушење на овие куќи, а трошоците мора да бидат платени од страна на Палестинците.