Hakan Ceyhan Aydoğan
21 Јуни 2017•Ажурирај: 22 Јуни 2017
МОСКВА (АА) - Шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, изјави дека Русија го суспендирала договорот за безбедносните мерки во воздушниот простор на Сирија и оти очекува итно објаснување од официјален Вашигтон во врска со завчерашниот инцидент што се случи кај Рака, кога американските воздушни сили соборија авион на војската лојална на Башар ал Асад, јавува Anadolu Agency (AA).
Лавров синоќа во Москва се состана со францускиот колега Жан-Ив ле Дриан, а по состанокот предупреди дека во Сирија има многу сили и оти непосакуваните и непредвидливи инциденти можат да се спречат само ако сите се фокусираат на заедничката цел, на борбата против тероризмот.
Потсетувајќи на претходниот договор за формирање неконфликтни зони во Сирија, кој е постигнат под иницијативата на Русија, Турција и Иран, Лавров изјави дека со спроведувањето на тој договор за првпат ќе биде направено конкретно раздвојување на вооружените групи коишто го почитуваат примирјето и терористичките групи што дејствуваат во Сирија.
Лавров исто така изјави дека најавеното проширување на американските санкции кон Русија нема да ја поправи атмосферата во односите меѓу двете земји. Санкциите во Русија се воведени поради кршење на примирјето во Украина, a Лавров тврди дека за спроведувањето на Договорот од Минск е одговорна Украина, и дека санкциите кон Русија се бесмислени.
Шефот на француската дипломатија, Ле Дриан, изјави дека официјален Париз ги дели ставовите со Москва во врска со неопходноста на заедничката борба против тероризмот, заштитата на суверенитетот и целовитоста на Сирија, како и неопходноста за изнаоѓање мирно политичко решение за кризата во таа земја.
Воздушните сили на коалицијата што во борбата против терористите на ДЕАШ е предводена од страна на САД, пред два дена на подрачјето на Рака соборија авион на сириската војска, а Русија потоа остро реагираше и предупреди дека сите странски летала западно од Еуфрат ќе се сметаат за закана, а со самото тоа и како цел за напад.