Fatma Esma Arslan
29 Јануари 2018•Ажурирај: 30 Јануари 2018
АНКАРА (АА) - Кампањата за ширење клевети и лаги за операцијата „Маслинова гранка“ на социјалните мрежи продолжува со објавување нови снимки за кои е утврдено дека немаат поврзаност со операцијата на Вооружените сили на Турција во Африн, туку дека станува збор за снимки во кои жртвите од нападите на сириските режимски сили се од други делови на таа земја, јавува Anadolu Agency (AA).
На Твитер е објавена фотографија со натпис „Цивили и деца - мети на нападите на турската војска во Африн“, а Сириската мрежа за човекови права (SNHR) соопшти дека станува збор за фотографија направена по нападот што силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад го извршиле на пазар во Источна Гута кај Дамаск, а која се наоѓа во извештајот на таа мрежа, објавен на 27 ноември минатата година.

Со истиот натпис на Твитер е објавена и снимка со безживотно тело на дете, а утврдено е дека станува збор за снимка направена на 21 август 2013 година, по нападот кој режимските сили на Асад, исто така, го извршиле во Источна Гута.

На социјалните мрежи објавена е и лага дека борците на ЈПГ, военото крило на терористичката организација ПЈД/ПКК, уништиле турски воени возила во Африн, а лагата е поткрепена со фотографија направена на 30 септември 2012 година.

Вистинската позадина на протерористичката кампања на социјалните мрежи е ширење лаги за операцијата која турските сили ја водат, за да ги неутрализираат терористите на ПЈД/ПКК и ДЕАШ во Африн, а целите на кампањата се спречени преку напорите на истражувачите од АА, кои открија дека станува збор за снимки што немаат поврзаност со актуелната операција „Маслинова гранка“.
Протерористичката кампања на социјалните мрежи отиде толку далеку со лагите, што дури се објавувани и снимки од авионот на „Малезија Ерлајнс“ („Malaysia Airlines“), што се урна во источниот дел на Украина, кои се претставувани како фотографии на авион од турските сили, кого наводно го срушиле терористите во Африн.