Amir Latif Arain
25 Мај 2026•Ажурирано: 25 Мај 2026
Малезиската Влада е подготвена да го тужи Израел пред Меѓународниот суд на правдата (МСП) поради киднапирањето и тортурата на активисти од флотилата за доставување на хуманитарна помош за Газа, „Сумуд“ која што пловеше кон Газа, објавија денес локалните медиуми, пренесува Анадолу.
Амирудин Шари, главен министер на малезиската држава Селангор, изјави дека Куала Лумпур ќе покрене постапка штом адвокатите ќе го завршат собирањето информации и докази, објави „Малеј Меил“.
Над 400 меѓународни активисти од флотилата, која имаше за цел да ја пробие поморската блокада на Израел врз Газа за да достави помош, беа нападнати и приведени од израелските сили минатата недела во меѓународни води.
„Нема да молчиме, нема да застанеме. Додека правниот тим ја собира целата документација за кршење на меѓународното право, тие (активистите од флотилата) беа киднапирани повеќе од еднаш, беа подложени на тортура“, рече Амирудин на церемонијата за враќање на активистите од флотилата (GSF 2.0) на Меѓународниот аеродром во Куала Лумпур.
„Ќе го изнесеме ова пред меѓународниот суд, ќе продолжиме со дипломатскиот притисок, ќе патуваме и низ Малезија“, рече тој.
Амирудин рече дека правниот потег следи по наводните акти на бруталност, вклучително и киднапирање и тортура на активисти од флотилата, особено на малезиските.
Тој додаде дека потегот ќе биде проследен со континуиран дипломатски притисок од страна на владата за барање „целосно ослободување“ на Газа.
Амирудин рече дека иако мисијата на Глобална флотила Сумуд (GSF 2.0) е завршена, посветеноста на Малезија и Селангор кон палестинската кауза ќе продолжи.
Постојат планови во иднина да се организираат меѓународни конференции поврзани со Палестина во Малезија, рече тој.
Тој додаде дека Сумуд 3.0 ќе ја продолжи борбата сè додека не се укине блокадата на Газа.