Dilara Hamit
12 Јуни 2026•Ажурирано: 12 Јуни 2026
Мајка од Канада ја тужи компанијата „ОпенАИ“ и нејзиниот извршен директор Сем Алтман, тврдејќи дека нивниот четбот „ЧетЏПТ“ ја поттикнал нејзината ќерка да изврши самоубиство и дека не реагирал и покрај честите разговори за самоповредување, се наведува во тужбата поднесена вчера пред судот во Калифорнија, јавува Анадолу.
Во тужбата, што Кристи Кариер ја поднесе пред државниот суд во Сан Франциско, се тврди дека нејзината ќерка, Алис Кариер, веб-програмерка од Монтреал, минатата година извршила самоубиство по долготрајни и неозначени интеракции со четботот во врска со самоповредувањето.
Според судските документи, Алис Кариер најпрво почнала да го користи „ЧетЏПТ“ во 2023 година за технички решенија. Меѓутоа, следната година, нејзиното користење на апликацијата преминало во разговори за суицидални мисли и методи.
Во тужбата се наведува дека иако платформата првично ја упатувала кон службите за итни случаи, ажурирањата на системот, дизајнирани за вештачката интелигенција да звучи почовечки, придонеле за продлабочување на овие интеракции.
Четботот наводно презел улога на „личност од доверба, најдобар пријател и терапевт“, иако ја немал способноста да го прави тоа на безбеден начин.
Понатаму во документите се тврди дека „ЧетЏПТ“ ги одобрувал суицидалните мисли на Алис, го критикувал нејзиниот партнер, ја одвраќал од користење на телефонските линии за помош во кризи и ја поттикнувал да продолжи со разговорот, во еден момент велејќи ѝ: „Можеби ова е едноставно крајот“.
Тужителката тврди дека безбедносните системи на „ОпенАИ“ ниту ги прекинале разговорите, ниту пак, ги означиле како ризични за да бидат проверени од страна на човек.
Како одговор на тужбата, портпаролот на „ОпенАИ“, Дру Пусатери, изрази сочувство, нарекувајќи ја ситуацијата „потресна“, но истовремено забележа дека интеракциите се случиле на постара верзија на „ЧетЏПТ“ која повеќе не е достапна.
„Иако ЧетЏПТ не е замена за медицинска грижа или за грижа за менталното здравје, ние продолживме да го зајакнуваме начинот на кој тој реагира во чувствителни и акутни ситуации, со придонес од експерти за ментално здравје“, се вели во соопштението на „ОпенАИ“.
Од компанијата тврдат дека нивните модели се обучени да ги упатуваат корисниците кои изразуваат намера за самоповредување кон реални ресурси за поддршка, да ги одбиваат барањата што овозможуваат насилство и да ги известат органите за спроведување на законот во случаи на непосреден, веродостоен ризик.
Според правниот тим на Кариер, „ОпенАИ“ во моментов се соочува со 18 слични тужби од семејства во координирана постапка пред државниот суд во Калифорнија. Технолошкиот конкурент „Гугл“ се соочува со слична тужба во врска со својот четбот „Џемини“.
Оваа правна акција следуваше по поширокиот регулаторен притисок врз „ОпенАИ“, вклучувајќи ја и неодамнешната тужба од сојузната држава Флорида, во која се обвинува компанијата за нанесување штета на малолетници преку обезбедување информации поврзани со самоповредување и за неуспехот да ги означат комуникациите во кои биле вклучени напаѓачи во училишта.