Elena Teslova
13 Мај 2026•Ажурирај: 13 Мај 2026
Поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев саркастично им честиташе на западните земји по успешното пробно лансирање на руската интерконтинентална балистичка ракета „Сармат“, јавува Анадолу.
„Им честитам на сите западни ’пријатели‘ на Русија по успешното тестирање на стратегискиот ракетен систем ’Сармат‘. Сега сите сте поблиску до нас!“, напиша Медведев во објава на руската социјална мрежа „Макс“.
Медведев, кој во моментов ја извршува функцијата заменик-претседател на Советот за безбедност на Русија, ги даде овие коментари откако командантот на Стратегиските ракетни сили, Сергеј Каракаев, претходно вчера го информираше рускиот претседател Владимир Путин за успешното лансирање на ракетата.
„Ова е најмоќната ракета во светот“, изјави Путин во телевизиското обраќање, тврдејќи дека разорната моќ на нејзината боева глава е за четири пати поголема од онаа на сличните западни ракети.
Путин истакна дека „Сармат“ има дострел од повеќе од 35.000 километри и тврди дека таа може да ги „пробие сите постоечки и идни системи за противракетна одбрана“.
Каракаев рече дека Руските вооружени сили планираат да го стават на борбена должност првиот полк опремен со ракетниот систем „Сармат“ до крајот на годината.
Путин првпат најави тестирање на ракетниот систем „Сармат“ во 2018 година.