Mohammad Sıo
04 Јануари 2024•Ажурирај: 08 Јануари 2024
АЛ-КУДС/ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелската армија влезе во третата фаза од војната во Појасот Газа, објавија денес локалните медиуми, пренесува Анадолу.
„Израелската армија не даде никакво официјално соопштение, но воените операции на палестинската територија, вклучително и повлекувањето на пет бригади, укажуваат на тоа дека третата фаза од војната е веќе започната“, објави израелската државна телевизија КАН.
Сега армијата се фокусира на локализирани операции против Хамас во неколку области во Газа, според КАН.
Телевизијата објави дека се очекува армијата да ги заврши воените операции во населбите Ал-Дарај и Ал-Туфах источно од градот Газа до следната недела.
Според израелските медиуми, армијата повеќе ќе се фокусира на таргетираните воздушни напади, ќе ги повлече повеќето сили од Газа и ќе воспостави тампон зона на границата со Газа како дел од третата фаза од војната.
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади врз Појасот Газа по прекуграничниот напад на Хамас на 7 октомври.
Нападите го оставија Појасот Газа во урнатини. Околу 60 отсто од инфраструктурата на енклавата е оштетена или уништена, а речиси два милиона жители се раселени.
Оттогаш загинати се најмалку 22.313 Палестинци, а 57.296 се повредени.
Се смета дека во нападот на Хамас се загинати речиси 1.200 Израелци.